Connect with us

Вести

Трајков: Членството во ЕУ е недвосмислена стратешка определба, над 45 отсто од европското право успешно транспонирано

Членството во ЕУ е недвосмислена стратешка определба, која има широка општествена поддршка. Европската интеграција е трансформативен процес, кој резултира со конкретни реформи, посилни институции и опипливи придобивки за нашите граѓани и бизниси. Токму тоа е неговото вистинско значење: реформи дома, интеграција во ЕУ и подобрувања во секојдневниот живот на луѓето, истакна заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков на денешното отворање на дводневната работилница, која е во организација на TAIEX (Инструмент за техничка помош и размена на информации на Европската комисија), работилница за усогласување на законодавството на нашата земја со правото на ЕУ.

Заменик-министерката, како што информираат од Министерството за европски прашања, истакна дека нашата земја повеќе од две децении го усогласува правниот и институционален систем со правото на ЕУ во согласност со обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

– Процесот на апроксимација почна со транспонирање на клучните акти од областите поврзани со внатрешниот пазар, а продолжи во сите други области. Денес, можеме да кажеме дека над 45 % од европското право е веќе успешно транспонирано во нашиот домашен правен систем. Резултатите се гледаат и надвор од законите: силна политичка поврзаност, вклучително и во областа на надворешната и безбедносната политика, засилена трговска соработка, европеизирани политики, обучена администрација и подобрена инфраструктура – рече Трајков додавајќи дека извештаите на Европската комисија се мапа за претстојните приоритети.

Таа потенцира дека правилната транспозиција е од суштинско значење за ефикасно спроведување на законодавството во согласност со европските правила и стандарди. Паралелно со преговорите, како што рече, важни инструменти за забрзување на оваа трансформација се планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и реформската агенда.

Квалитетната хармонизација, како што оцени Трајков, не е само обврска во преговорите, туку и услов за финансиска поддршка и за придобивки што граѓаните и компаниите може да ги почувствуваат уште пред полноправното членство.

На работилницата беа претставени европски и регионални искуства во однос на приспособувањето кон европското законодавство со конкретни насоки во одделни области.

Ad
Ad