Вести
Flydubai се враќа во Македонија по седум години: Од април 2027 повторно директни летови Скопје – Дубаи
Македонските патници повторно ќе можат директно да летаат од Скопје до Дубаи, а преку овој голем воздухопловен центар да продолжат кон бројни дестинации во Азија, Австралија и други делови од светот. Авиокомпанијата „Флајдубаи“ најави дека од 1 април 2027 година повторно ќе ја воспостави линијата меѓу двата града, по повеќе од седум години пауза.
Според информациите објавени од специјализираниот портал EX-YU Aviation News, летовите ќе се реализираат трипати неделно, секој понеделник, четврток и сабота, а почетната цена на повратен билет во економска класа изнесува 580 евра.
Авионот ќе слетува на Терминал 3 на меѓународниот аеродром во Дубаи, кој го користи и авиокомпанијата „Емирати“. На овој начин патниците ќе имаат можност за полесно поврзување со други меѓународни летови.
Од Скопје ќе полетуваат во 14:30 часот и ќе пристигнуваат во Дубаи во 21:45 часот по локално време. Во спротивната насока, полетувањето од Дубаи е предвидено во 9:55 часот, со пристигнување во Скопје во 13:30 часот.
„Флајдубаи“ ги прекина летовите до Скопје по избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, а враќањето на македонскиот пазар се најавуваше во изминатите неколку години.
Најава на Вицепремиерот и Министер за транспорт, Александар Николоски
Кон крајот на март 2027 година ќе биде воспоставена директна авионска линија меѓу Дубаи и Скопје, а паралелно се разгледува можноста за директно поврзување на Охрид со еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати.
Ова го соопшти заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски. Според него, линијата Дубаи–Скопје е веќе договорена, а летовите ќе ги реализира „Флајдубаи“.
„Со почетокот на новата сезона на летање, односно од март 2027 година, ќе се лета директно од Дубаи за Скопје. Тоа е веќе договорено и „Флајдубаи“ ќе почне крајот на март 2027 година да лета директно од Дубаи до Скопје“, рече Николоски.
Тој оцени дека новата линија ќе придонесе за развој на туризмот и бизнисот, особено затоа што ќе функционира и во периодот надвор од летната туристичка сезона.
Николоски соопшти и дека се разговара за воспоставување директна линија меѓу Охрид и еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати. Како можни дестинации ги посочи Абу Даби и Шарџа.
„Сè уште е во дискусија, но би рекол дека е многу извесно дека ќе ја договориме. Тоа е директен лет помеѓу еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати, дали ќе е Абу Даби, дали ќе е Шарџа, до Охрид“, рече министерот.
Според Николоски, договорите се резултат на владината посета на ОАЕ предводена од премиерот Христијан Мицкоски и средбите со шеикот Мохамед бин Зајед.
Тој потсети и дека меѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати веќе е воспоставен безвизен режим, што, како што истакна, е значајно за туризмот и за деловната размена.
Николоски посочи дека се разговара и за потенцијални инвестиции, додека македонски компании веќе почнуваат да извезуваат на пазарот во ОАЕ. Според него, Обединетите Арапски Емирати сè повеќе стануваат значаен центар за меѓународни саеми и деловни настани.
Полесно патување до Азија и Австралија
Повторното воспоставување на директната линија се очекува да биде значајно за туристите, деловните патници и македонската дијаспора, особено за оние кои патуваат кон Австралија и азиските земји.
Дубаи претставува еден од најголемите меѓународни воздухопловни центри, па патниците од Скопје ќе можат со едно преседнување да продолжат кон голем број светски дестинации, без дополнителни трансфери преку европските аеродроми.
„Европа продолжува да биде важен дел од нашата стратегија за развој на мрежата. Повторното воспоставување на летовите кон Скопје им дава на нашите патници поголем избор и флексибилност, а истовремено обезбедува привлечна можност за патување со едно преседнување за туристите, деловните патници и македонската дијаспора од Австралија и Азија“, изјави Џејхун Ефенди, висок потпретседател за комерцијални операции и електронска трговија во „Флајдубаи“.
Тој посочи дека компанијата во почетокот ќе оперира со три лета неделно, но очекува побарувачката постепено да расте, особено поради можностите за престој во Дубаи и продолжување на патувањето кон други дестинации, објави 4news.mk
Поврзувањето отвора можности за туризам и трговија
Извршниот директор на авиокомпанијата, Гаит Ал Гаит, нагласи дека воздушното поврзување има важна улога во развојот на туризмот, трговијата и културната размена.
Тој посочи дека враќањето во Скопје е дел од определбата на компанијата да поврзува градови кои претходно имале ограничени директни врски со Дубаи и остатокот од светот.
„Флајдубаи“ првпат ја воспостави линијата Скопје – Дубаи во октомври 2012 година. Првиот лет пристигна на скопскиот аеродром на 18 октомври, а линијата во почетокот функционираше двапати неделно.
Со враќањето на авиокомпанијата од 1 април 2027 година, Македонија повторно ќе добие директна редовна авиоврска со Дубаи, со што ќе се отворат дополнителни можности за меѓународно патување.
ноември 4, 2026

