Свет
Оставка на шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте
Шпанскиот министер за транспорт, Оскар Пуенте, поднесе оставка, шест дена по несреќата кога при судар на два брзи воза загинаа 69 лица.
Оставката ја објави синоќа по повеќечасовното обраќање пред пратениците, на кое зборуваше за несреќата, втора со смртни последици годинава.
– Министерот за транспорт во земја како Шпанија не може да остане на функцијата по две вакви тешки несреќи за помалку од една година – изјави Пуенте.
Тој рече дека одлуката да поднесе оставка ја донел веднаш по несреќата, но не ја објавил.
Несреќата на 28 октомври се случи кога брз воз удрил во друг воз кој запрел на пругата, јужно од Мадрид. Синџирот настани што довел до трагедијата започнал со откажување на комуникацискиот систем, клучен за функционирањето на безбедносниот систем на железничката линија Мадрид – Севилја.
Централниот диспечерски центар во Мадрид ја презел контролата и му одобрил на возот на државната компанија „Ренфе“ да го продолжи патувањето, иако пред него се наоѓал запрен воз на компанијата „Ирио“.
Тоа е втора голема железничка несреќа на линијата Мадрид – Севилја годинава. Во јануари, на истата маршрута, воз излета од шините и удри во воз што сообраќал во спротивна насока, при што загинаа 46 лица. Истрагата за таа несреќа сè уште е во тек.
ноември 4, 2026

