Connect with us

Забава

Џ.Д. Венс како лик од „Хари Потер“ за Ноќта на вештерките

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс ја прослави Ноќта на вештерките маскиран како Албус Дамблдор, волшебникот од серијалот приказни „Хари Потер“.

Потпретседателот навести каков ќе биде неговиот костим пред неколку дена, во интервју за „Фокс њуз“ (Fox News). Одговарајќи на прашање од публиката, тој објасни дека неговите деца се големи обожаватели на „Хари Потер“, поради што тој одлучил да се маскира како Дамблдор. Неговата сопруга Уша и нивните деца исто така беа маскирани во ликови од книгите на Џоун К. Роулинг. Во саботата, Венс објави и кратко видео на платформата „Икс“, во коешто во раце го држи својот најмлад син Алек, маскиран како виленикот Доби. Џ.Д. Венс притоа ги охрабри луѓето добро да се забавуваат, да внимаваат на безбедноста и да изедат многу слатки.

– Потпретседателот Дамблдор, заедно со малиот Доби, ви посакуваат среќна Ноќ на вештерките, вели Венс во видеото.

Официјалниот профил на Белата куќа, исто така сподели семејна фотографија. На неа, најстариот син Јуан е маскиран како Хари Потер – со тркалезни очила, црна наметка и црвена вратоврска, додека друго дете носи костим на пајак. Уша Венс е маскирана како професорка од „Хогвортс“ – со кафеава вештерска капа.

Лани, тој се маскираше како „Дебелиот Џ.Д.“ – карикатура од самиот себе што претходно кружеше на интернет. Поддржувачите ја пофалија објавата, опишувајќи ја како трогателен семеен момент.

Саркастичните, пак, потсетија дека писателката Џ.К. Роулинг уште во 2007 година потврди дека Дамблдор е геј. 

Ad
Ad