Свет
Унгарската владејачка партија го поддржува кандидатот за државен обвинител, Петер Фејес, предложен од претседателот на земјата
Унгарската владејачка партија Тиса ќе го поддржи кандидатот на претседателот за државен обвинител, изјави денеска премиерот Петер Маѓар, што се смета за значаен потег за неговите напори за реформа на јавните институции по изборната победа во април.
Назначувањето на нов државен обвинител е клучен дел од борбата на Унгарија против корупцијата, која Маѓар ја нарече „Операција чистилиште“.
Откако ја презеде власта во мај, унгарската централно-десничарска партија-Тиса, отстрани од клучните јавни позиции неколку лица назначени на позициите од поранешниот премиер Виктор Орбан. Меѓу нив се главниот државен обвинител, претседателот на Уставниот суд, раководителот на телото за надзор на медиумите и претседателот на државата.
Поранешниот државен обвинител Габор Балинт Наѓ поднесе оставка во јули.
Маѓар денеска објави на Фејсбук дека парламентарната група на неговата партија ќе го поддржи новиот кандидат за државен обвинител, Петер Фејес, кој беше номиниран од претседателот Андраш Бака.
Фејес (66) се пензионираше минатата година по кариера помината целосно во канцеларијата на државниот обвинител. Тој е специјализиран за кривично право, право на Европската унија и спортско право.
Државниот обвинител се избира за деветгодишен мандат, а за изборот е потребна поддршка од двотретинско мнозинство во парламентот, праг што партијата на Маѓар може да го постигне самостојно.
Тиса претходно го отфрли првиот кандидат предложен за оваа позиција од претседателот Бака.
Под водство на Маѓар, Унгарија се приклучи и на Европското јавно обвинителство (ЕППО) и ја основа Националната канцеларија за заштита и враќање на средства, задолжена за истрага на наводна корупција за време на 16-годишното владеење на Орбан, обвиненија што поранешниот премиер ги негира.
Маѓар тврди дека корупцијата, вклучително и злоупотребата на јавни средства, ги чинела Унгарците помеѓу осум и 10 проценти од нивниот бруто домашен производ во последните години.
Двајца поранешни министри од владата на Орбан, како и поранешниот гувернер на централната банка, Ѓерѓ Матолчи, беа уапсени под обвинение за корупција.
ноември 3, 2026

