Економија
НБРМ воведува принудна управа врз Алта Банка АД Битола, граѓаните ќе може да повлекуваат само 10.000 денари неделно
Гувернерот Трајко Славески на прес конференција информираше дека НБРМ ќе воведе привремена управа врз Алта Банка АД Битола и раководоњето ќе го превземе централната банка.
„Во насока на заштита на билансот на Алта банка АД Битола и на интересите на нејзините штедачи, Извршниот одбор на Народната банка, на седницата одржана на 1 ноември 2026 година, донесе решение со коешто се воведува администрација во Алта банка АД Битола. Решението е веќе во сила“, соопшти Славески
Според гувернерот, мерката е привремена и дека не е воведена поради нарушена финансиска состојба на банката во Битола, туку поради случувањата поврзани со нејзиниот акционер во Белград.
Славески рече дека при определувањето на лимитот се воделе од проценката за секојдневните потреби на клиентите, посочувајќи дека просечната плата и пензија во комбинација изнесуваат околу 40.000 денари месечно. Максималното траење на привремените мерки може да трае три месеци.
Според Славески, Алта банка од Битола е високо капитализирана, ликвидна, има солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди.
„Воведувањето на администрацијата подразбира дека управувањето со имотот на Банката привремено преминува во надлежност на лица именувани од Народната банка, а во рамки на дадените овластувања од Извршниот одбор на Народната банка. Со цел заштита на имотот на Банката, во наредните денови ќе важат одредени ограничувања за плаќања од сметките на клиентите на Банката. Во интерес на граѓаните, а со цел извршувања на секојдневните плаќања, определен е неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица во износ од 10.000 денари, којшто може да се користи со картичките издадени од Банката. Сите интерни плаќања помеѓу сметките на клиентите (правни и физички лица) во рамки на Банката остануваат овозможени во неограничен износ“, соопшти Народна банка.
Овие мерки, како што велат, се воведени со цел да се заштитат имотот и интересите на штедачите на Банката.
„Во оваа смисла, нагласуваме дека како и досега кредитокорисниците треба да продолжат навремено да ги исполнуваат своите обврски кон Банката. Народна Банка како и досега, ќе продолжи да ја следи состојбата во Банката и ќе презема активности во рамки на своите законски надлежности“, соопшти Банката.
ноември 2, 2026


