Свет
Германскиот адвокат Ритер на чело на Европското јавно обвинителство- ЕППО, на местото на Лаура Ковеши
Истакнатиот германски правник Андрес Ритер денеска го започна својот седумгодишен мандат како главен обвинител во Јавното обвинителство на Европската унија (EPPO).
Ритер (62) ја наследи Романката, Лаура Ковеши, чиј заменик беше досега. Европскиот парламент и Советот на ЕУ го избраа за главен обвинител во март оваа година.
Во 1995 година, Андрес Ритер започна да работи во Државното обвинителство на Германија, а во 2008 година стана заменик главен обвинител во Државното обвинителство на Мекленбург-Западна Померанија, пишува ДПА.
Од 2013 до 2020 година, тој ја водеше покраинската канцеларија на обвинителството за економски криминал и киберкриминал во Рошток, пред да биде првиот Германец кој беше назначен во новото европско обвинителство ЕППО.
Европското јавно обвинителство, чие седиште е во Луксембург, е одговорно за откривање и гонење на прекугранични злосторства извршени во земјите-членки на сметка на буџетот на ЕУ.
Според извештајот на ЕППО, обвинителите на оваа канцеларија работеле на крајот на 2025 година на рекордни 3.062 активни случаи, во кои вкупната штета на буџетот на Унијата се проценува на повеќе од 67 милијарди евра.
Поголемиот дел од таа штета, околу 45 милијарди евра, може да се припише на царински измами и измами со данок на додадена вредност.
Само минатата година, обвинителите на ЕППО покренаа 2.030 нови истраги, а стапката на пресуди во завршените случаи достигна речиси 95 проценти, пишуваат медиумите.
Претходничката на Ритер, Лаура Ковеши, во 2019 година беше назначена за прв шеф на ЕППО, а новото обвинителство формално започна со работа во 2020 година.
Од вкупно 27 членки на ЕУ, Данска и Ирска не се приклучија на обвинителството, додека Унгарија по промената на власта во мај годинава поднесе барање и во август годинава стана 25-та земја што учествува во работата на ЕППО
ноември 2, 2026


