Свет
Северна Кореја тестираше касетна бомба што може да се монтира на балистички ракети
Северна Кореја тестираше касетна бомба што може да се монтира на тактички балистички ракети и објави дека ќе воведе различни видови касетни боеви глави до крајот на годината, објави денеска севернокорејската агенција КЦНА.
Според извештаите, Севернокорејската управа за за ракетни сили вчера го спроведе тестот за да ја процени борбената прилагодливост и силата на касетната боева глава наменета за тактички балистички ракети.
„Истражувачки институти во рамките на Управата за ракетни сили потврдија дека касетната боева глава „Стандарден тип 2“ е способна да претвори целна област од 12 до 13 хектари во пепел благодарение на својата исклучително висока деструктивна моќ“, соопшти КЦНА.
Од друга страна, јужнокорејската војска објави дека го следела лансирањето на ракетата, додавајќи дека таа била испукана во правец на Жолтото Море, од област во близина на округот Чонгџу, на северозападниот дел од земјата.
„Благодарение на тесната размена на информации меѓу Јужна Кореја и САД, ги следевме релевантните активности пред лансирањето на ракетата од страна на Северна Кореја и одржувавме високо ниво на подготвеност“, соопштија денеска Здружениот штаб на вооружените сили на Јужна Кореја, пренесува Јонхап.
Касетна бомба во текот на дејствувањето ослободува десетици или стотици подмуниции, што овозможува напад врз повеќе цели на широко подрачје.
ноември 2, 2026


