Култура
Премиерата на претставата „Фамилија Адамсови“ во ЦК „Бели мугри“ во Кочани без празно столче
Премиерата на претставата „Фамилија Адамсови“ синоќа ги пополни сите 354 столчиња во салата на ЦК „Бели мугри“ во Кочани, колку што е нејзиниот капацитет и што е добра индикација дека во градот на ДАФ и ФААТ драмскиот аматеризам полека се враќа на старите позиции.
„Фамилија Адомсови“ на Драмското студио на Националната установа од Кочани е театарско остварување работено според истоимениот филм кој се базира на култната фамилија Адамс создадена од американскиот карикатурист Чарлс Адамс во 1938 година.
Кочанчани синоќа имаа прилика да погледнат динамични 55 минути исполнети со црн хумор и мистика, со доста музика и игра во изведба на младите аматери од „Бели мугри“, на начин како што приказната за Адомсови ја гледа Столе Стоилов, кој ги потпишува режијата и сценариото, додека адаптацијата на тексот ја направи Габриела Стефановска.
Играат триесетина момчиња и девојчиња во најголем дел средношколци. Само неколкумина се повозрасни и само неколкумина претходно играле во други претстави.
-Првите коментари на публиката што стигнаа до мене на крајот од претставата се : „Доживеавме нешто ново“! – тоа ми е најголемата благодарност дека направивме нешто навистина добро, рече режисерот Столе Стоилов, кој има завршено факултет за филмска и телевизиска режја. „Фамилијата Адамсови“ е негово прво театарско остварување.
Претставата комплетно самостојно продукциски и финансиски ја покрива ЦК „Бели мугри“. Предвидено е да се одигра уште двапати, в понеделник и сабота, 2 – ри и 7 – ноември. Доколку постои интерес кај публиката ќе се игра и потоа.
ноември 2, 2026


