Регион
Криминална организација во Грција преку НВО ги присвојувала донациите од граѓаните наменети за тешко болни деца
Шест лица се уапсени во Грција како членови на криминална организација која преку невладина организација (НВО) собирала донации за деца со тешки заболувања, а најголемиот дел од собраните средства ги присвојувала, при што незаконски стекнатата финансиска корист се проценува на над 2,8 милиони евра, додека дел од парите биле користени и за местење фудбалски натпревари и финансирање фудбалски клубови, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштија дека акцијата за разбивање на криминалната организација, спроведена во петокот во различни делови на земјата започнала по пријава во врска со транспарентноста на работењето на невладината, активна од 2018 година и по налог на обвинителството била спроведена темелна полициска и финансиска истрага.
– Во рамките на полициската операција беа пронајдени и сослушани родителите на 34 деца-корисници на хуманитарните акции. Од заедничката анализа на нивните искази и финансиските податоци произлегло дека, иако вкупните приливи од донации изнесувале 3.940.692 евра, на семејствата им биле исплатени вкупно околу 1.111.176 евра. Како резултат на тоа, незаконската имотна корист се проценува на околу 2.829.516 евра, соопштија од грчката полиција.
Криминалната организација била составена од две подгрупи, едната поврзана со невладината организација, другата со местење натпревари на тим во четвртата грчка фудбалска лига, а еден заеднички член бил задолжен за меѓусебната комуникација.
Членовите на организацијата собирале донации за деца со тешки болести, главно различни форми на рак, а преку социјалните мрежи ги претставувале здравствените проблеми на децата и нивните потреби од финансиска помош, како што се трошоци за медицински интервенции, болничко лекување, превоз, животни трошоци и привремено сместување на децата и нивните семејства, а паралелно објавувале и фотографии од децата.
Меѓу донаторите имало и познати уметници, спортисти и бизнисмени, чии донации членовите на организацијата јавно ги истакнувале со цел да ја зајакнат довербата во здружението и да привлечат поголем број донации.
Од извршените вкрстени проверки биле утврдени вкупно 92 хуманитарни акции за 74 корисници, од кои 55 се идентификувани.
Паралелно, за да ги зголемат приходите од донациите објавувале различни фотографии и податоци за децата при повторените хуманитарни акции, со цел од потенцијалните донатори да скријат дека претходно веќе биле организирани други акции за истото дете; прикажувале трошоци за медицински интервенции и лекување, кои всушност биле покриени од осигурителните фондови, но и прикажувале трошоци за лекување значително повисоки од реалните.
– Карактеристичен е случајот во кој членовите на организацијата, со различни методи, предизвикале блокирање на банкарската сметка на мајка на дете болно од рак, која одлучила независно од здружението, да собира донации. Имено, откако уплатиле паричен износ на нејзината сметка, поднеле пријава до банката за наводна измама, а во продолжение ѝ понудиле помош, со крајна цел повторно да ја насочат да организира хуманитарна акција преку здружението, соопштија од полицијата.
Од анализата на финансиските податоци произлегло дека во периодот од 2018 до 2026 година, на сметките на здружението и на личните сметки на еден од уапсените биле уплатени над 5,8 милиони евра, а сè уште не е утврден вкупниот износ на парите собрани во готовина преку настани и кутии за донации поставени на различни локации низ земјата.
Втората подгрупа формирана во септември годинава се занимавала со местење резултати од фудбалски натпревари, со цел да му помогнат на одреден аматерски фудбалски клуб да се пласира во третата лига, но и да остварат незаконска добивка преку обложување на наместени натпревари, а нивните активности биле финансирани со незаконски стекнатите приходи на првата подгрупа.
ноември 2, 2026


