Регион
Самитот на НАТО во 2027 година ќе се одржи во Тирана, потврдија Рама и Руте
Одржувањето на следниот самит на НАТО во Тирана идната година беше потврдено на вчерашната средба во Брисел меѓу албанскиот премиер Еди Рама и генералниот секретар на Алијансата Марк Руте, објавија албанските медиуми.
Потврдата доаѓа откако во јули беше објавено дека плановите за одржување на самитот на Алијансата во Албанија следната година се доведени во прашање поради противењето на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и незадоволството кај членките на НАТО од ниските трошоци на Тирана за одбраната.
Според албанската Влада, одржувањето на самитот на НАТО во Тирана претставува значаен момент не само за Албанија, туку и за Европа, во меѓународни услови обележани со зголемена неизвесност и сложени геополитички предизвици.
На вчерашната средба Рама и Руте разговарале за актуелните предизвици за евроатлантската безбедност, зајакнувањето на стратешката соработка во Алијансата и улогата на Албанија во спроведувањето на заедничките одбранбени приоритети, информира Албанското радио и телевизија.
Во соопштението на албанската Влада, пренесено од медиумот, се наведува дека посебно внимание во разговорите било посветено на продлабочувањето на координацијата со НАТО во справувањето со хибридните закани, вклучително и кибер-нападите, дезинформациите, странското мешање и заштитата на критичната инфраструктура. Станува збор за предизвици кои бараат сè поголема координација меѓу членките на Алијансата.
Меѓу стратешките прашања за кои разговарале бил и развојот на „Коридорот 8“ како коридор за воена мобилност што ги поврзува Јадранското и Црното Море и претставува важна компонента за мобилноста, оперативната подготвеност и безбедноста на југоисточното крило на НАТО.
Во тој контекст било разгледано и значењето на проектот „Порто Романо“, комплекс на ново пристаниште со трговски и воен дел во близина на албанскиот крајбрежен град Драч, за развојот на инфраструктурните и логистичките капацитети во поддршка на стратешките потреби на Алијансата.
Албанија е членка на НАТО од 2009 година. Во март 2024 година во Кучова, во јужна Албанија, беше отворена тактичка воздухопловна база на НАТО, што служи за национални операции и операции од стратешко значење на Алијансата во Западен Балкан.
ноември 4, 2026


