Економија
Промовиран RALF AI – дигитален консултант што за половина ќе им ги скрати работните процеси на фирмите
Изготвување завршна сметка, даночна пријава, анализа и читање закони, договори, резултати, сметководствени услуги, се само некои од опциите што ги нуди алатката RALF AI наменета за компаниите. Овој дигитален консултант, што беше промовиран денеска во Стопанската комора, е базиран на вештачка интелигенција и, според креаторите, ќе им го скрати работното време на фирмите за 50 отсто.
RALF AI ќе биде достапен 24 часа, на македонски и на албански јазик. Не е наменет да ги замени процесите, туку да ги забрза. Нуди паметни и брзи одговори, па тоа што се чекало со часови, сега, како што беше речено, ќе се сведе на неколку минути.
Сметководители, правници, адвокати, административци, се само дел од профилите што ќе може да го користат RALF AI.
– RALF AI ќе ви го скрати работното време за половина, но, сепак, вие ќе мора да го контролирате. Нема да ве замени, туку ќе ви помогне, значително ќе ви го забрза работниот процес. Ќе имате фантастично читање на законите и уште многу други придобивки. Личните податоци остануваат тајна, никој не може да ги користи, освен ако системот не биде хакиран – рече Горан Рафајловски, сопственик на „Рафајловски консалтинг“, компанијата што ја изготви дигиталната алатка.
Како што истакна претседателот на Комората, Бранко Азески, во бизнисот работите одат многу бргу и тој тренд мора да се следи.
– Работиме на сите фронтови. Денеска сме со вештачката интелигенција. Имаме и ние што да кажеме, да користиме најдобри решенија. Кога ќе ме прашаат како ја гледам Комората за десет години, велам дека овие простории нема да постојат, сè ќе биде автоматизирано и вработените ќе одат кај фирмите, а не обратно. Нашето оружје се вика упорност – рече Азески напоменувајќи дека технолошкиот напредок во земјата нема право на заостанување.
RALF AI е специјализиран за консултации во областите на правото, финансиите, сметководството, банкарството, осигурувањето и администрацијата. Платформата овозможува одговори на стручни и деловни прашања, анализа на финансиски биланси, пресметка на даночни обврски и изработка на стручни мислења.
ноември 5, 2026


