Connect with us

Свет

Будимпешта ги отвора досиејата на комунистичката тајна полиција со имиња на над 50.000 шпиони

Унгарија денеска треба да ги објави досиејата на тајната полиција од комунистичкиот период откривајќи ги идентитетите на десетици илјади поранешни шпиони, со што оваа централноевропска земја по неколку децении се соочува со своето репресивно минато.

Дигитализираната база на податоци, во која може да се пребаруваат имињата и досиејата на 50.000 до 60.000 поранешни шпиони, од денеска наутро е достапна на посебна интернет-страница.

Премиерот Петер Маѓар, политичар кој релативно неодамна влезе во политиката и кој на изборите во април го собори долгогодишниот премиер Виктор Орбан ветувајќи промена на режимот, во септември ги предводеше напорите за усвојување закон со кој првпат на јавноста ѝ се овозможува неограничен пристап до овие документи.

Од демократската транзиција во 1990 година обидите за целосно отворање на архивите од комунистичкиот период повеќепати беа блокирани, при што критичарите за тоа ја обвинуваа неподготвеноста на повеќе влади, кои стравуваа дека на тој начин би можеле да бидат компромитирани јавни личности од целиот политички спектар.

Во пресрет на гласањето Орбан ги отфрли повторно актуализираните тврдења дека бил шпион објавувајќи на „Фејсбук“ документи што покажуваат дека во 80-тите, за време на отслужувањето на воениот рок, имало неуспешен обид тој да биде регрутиран за соработка со тајната служба.

– Подобро некогаш отколку никогаш. Добиваме пристап до значително поголем обем информации отколку досега, за тоа кого регрутирале властите и како функционирал безбедносниот апарат во тоа време – изјави историчарот Ласло Ерши од Фондацијата „Институт 1956“.

Втората група документи, која содржи подетални информации за речиси 9.000 шпиони, ќе биде објавена во февруари, при што некои лични податоци, како што се деталите за сексуалната ориентација на поединците, ќе бидат затемнети.

Според процените засновани на архивите на државната безбедност, тајната полиција во текот на тие четири децении ангажирала вкупно 150.000 шпиони, но зачувани се податоци за една третина од нив. Се верува дека многу досиеја биле уништени за време на антисоветското востание во 1956 година или биле скриени во текот на повеќемесечната мирна транзиција кон демократијата. 

Ad
Ad