Свет
Расте нивото на дебелина кај децата во Англија, покажуваат официјални податоци
Дебелината кај децата во Англија е во пораст, покажуваат новите податоци на Владата.
Околу 10,7 проценти од децата во подготвителната година од основното образование (на возраст од четири и пет години) се дебели, додека истото важи и за 22,8 отсто од децата во шесто одделение (на возраст од 10 и 11 години).
Податоците за учебната 2025 – 2026 година покажуваат дека, доколку се исклучи пикот на дебелина за време на пандемијата, стапката на дебелина во подготвителната година е на највисоко ниво во историјата откако се води евиденција.
Кај децата во шесто одделение, дебелината е исто така повисока од претходната година (22,2%) и е над нивоата од пред пандемијата.
Вкупно биле измерени 1,1 милион деца во државните училишта во Англија како дел од Националната програма за мерење на децата која ги бележи висината и тежината за да помогне во креирањето на плановите за јавно здравје и детерминирањето на регионите на кои им е потребна најголема помош.
Податоците покажаа дека девојчињата во основното образование со поголема веројатност имаат здрава телесна тежина во споредба со момчињата, а момчињата почесто се дебели и екстремно дебели (6,9 проценти се екстремно дебели во шесто одделение, во споредба со 4,8 отсто кај девојчињата).
Дебелината во најсиромашните региони е исто така повеќе од двојно поголема од онаа во најбогатите области – како за подготвителната година (14,2 отсто во споредба со 6,9 проценти), така и за шесто одделение (30,3 проценти во споредба со 13,9 отсто).
Експертите истакнуваат дека т.н. „јаз на сиромаштија“ се зголемува со текот на времето.
Податоците дополнително покажаа дека црните деца и шестоодделенците со потекло од Бангладеш имаат повисоки нивоа на дебелина, додека децата од индиската етничка група во подготвителна година и во шесто одделение најчесто имаат недоволна телесна тежина.
– Денешните податоци покажуваат влошување на нивото на детска дебелина и проширување на јазот во здравјето меѓу децата кои живеат во сиромашни и оние во богати средини. Продолжуваме да ги мериме децата, но не преземаме ништо за тоа што го утврдуваме – изјави Ана Тејлор, извршна директорка на хуманитарната организација „Фуд фаундејшн“.
– Пред речиси 500 дена Владата се обврза да воведе задолжително известување за големите прехранбени компании во однос на нивната продажба на здрава храна, со амбиција за прекинување на трендот на дебелина. Сè уште ги чекаме консултациите, додека предизвикот за правилна исхрана на децата стана уште потежок – рече Тејлор.
– Секој ден одложување носи трошок за заедниците што најмалку можат да си го дозволат тоа – денеска околу 93 деца во болница ќе извадат расипани заби по цена од 140.000 фунти. Одложувањето е најскапата политика што ја имаме – додаде Тејлор.
Катарина Џенер, извршна директорка на Алијансата за здравје и дебелина рече дека бројките „даваат длабоко загрижувачка слика“ за здравјето на децата.
– Сите родители го сакаат најдобриот почеток во животот за своите деца, но овие загрижувачки бројки се резултат на тоа што децата и семејствата се опкружени со нездрава храна која агресивно се рекламира, лесно е достапна и често е поевтина од поздравите алтернативи. Не можеме и понатаму да очекуваме семејствата да водат непрекината борба против прехранбената средина која толку многу ги отежнува здравите избори – додаде таа.
– Владата вети дека ќе ја создаде најздравата генерација деца во историјата, но овие бројки покажуваат колку сме далеку од остварување на таа амбиција. Само ветувањата нема да го подобрат здравјето на децата. Владата мора итно да преземе акција за да го направи здравиот избор полесен, вклучително и преку задолжително известување за здравствените стандарди, целни таргети за здрава продажба кај големите компании, построги ограничувања за рекламирање нездрава храна и мерки што ќе ја направат здравата храна подостапна за сите семејства. Без одлучна акција, ризикуваме да изневериме уште една генерација деца – нагласи Џенер.
Предпандемиското ниво за 2019/2020 година за дебелина во подготвителната година изнесуваше 9,9 отсто а за шесто одделение 21 отсто.
За време на пандемиската 2020/2021 година, дебелината достигна 14,4 проценти во подготвителната година и 25,5 отсто во шесто одделение.
Државната министерка за здравство Дајана Џонсон го нарече нивото на дебелина кај децата во најсиромашните области во земјата „прилично шокантно“.
Говорејќи пред пратениците во Комисијата за наука и технологија, Џонсон рече дека седечкиот начин на живот пред екраните негативно влијае врз физичката активност на децата.
Таа додаде дека младите луѓе можат брзо да нарачаат брза храна преку апликации и дека се изложени на онлајн инфлуенсери кои зборуваат за „најновиот тренд на брза храна“ или оценуваат ресторани за брза храна.
– Ова ги зголемува нашите грижи за нивоата на дебелина што ги гледаме поради намалената физичка активност – им рече таа на пратениците.
ноември 5, 2026


