Connect with us

Економија

Мицкоски – Вуст: Македонија и Северна Рајна-Вестфалија ќе ја продлабочуваат економската соработка

Продлабочување на економската соработка, привлекување нови инвестиции и унапредување на партнерството меѓу Македонија и германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија биле во фокусот на работната средба на премиерот Христијан Мицкоски со премиерот на оваа германска покраина, Хендрик Вуст.\

Како што објави Мицкоски на својот фејсбук-профил, на средбата, во рамките на посетата на Германија, заедно со владиниот тим – вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска – разговарале за досегашната соработка, поддршката и можностите за нејзино понатамошно продлабочување, особено во економијата и инвестициите.

Мицкоски посочува дека германските компании „Костал“, „Кромберг и Шуберт“, ВИК, „Гересхајмер“ и други реномирани инвеститори што веќе работат во земјата се пример за потенцијалот за привлекување нови инвестиции од Северна Рајна-Вестфалија.

На средбата било изразено и задоволство од спроведувањето на заедничката декларација за намери за соработка, која опфаќа повеќе области, меѓу кои економијата, инвестициите, образованието, културата и здравството, како и поддршката за европската интеграција на Македонија.

Како особено значајна Мицкоски ја издвојува подготвеноста на Вуст да ја посети Македонија, што, според него, ќе биде дополнителна можност за унапредување на партнерството и отворање нови перспективи за соработка.

Продолжуваме да градиме силни партнерства, да привлекуваме нови инвестиции и да ги отвораме вратите за економски развој и нови можности за нашата држава – наведува Мицкоски во објавата. фф/са/

Ad
Ad