Свет
Сè поактивни пирати во Аденскиот Залив и во западниот дел на Индискиот Океан
Сомалиското пиратство повторно се засилува во Аденскиот Залив и во западниот дел на Индискиот Океан, иако во изминатата деценија неговата активност беше значително намалена благодарение на меѓународните поморски патроли и подобрената безбедност на море.
Најновиот случај е киднапирањето на ирански рибарски брод со 20-член екипаж. Бродот „Азини“ бил киднапиран пред два дена во близина на брегот на Сомалија, а го ослободи индиската воена морнарица, соопшти денеска министерството за одбрана на Индија.
Операцијата за спасување на бродот траела повеќе од 48 часа во Арапското Море, на оддалеченост поголема од 3.000 километри од Мумбај, изјави индискиот министер за одбрана Раџнат Синг. Во спасувачката акција учествувале воен брод, авион за поморски надзор и командоси кои со падобрани се спуштиле од авион Ц-17 на индиските воени воздухопловни сили.
Претставник на поморската полиција изјави дека индиските сили разоружале 12 сомалиски пирати и им ги одзеле мобилните телефони, но ги пуштиле на слобода. Од индиското министерство за одбрана потврдија дека во операцијата никој не бил повреден.
Од април до август, пиратите киднапирале шест трговски бродови, од кои некои биле запленети далеку од брегот на Сомалија. Меѓу нив бил и танкерот за нафтени деривати „Сибу 1“ (Sibu 1), запленет на дури 136 наутички милји (252 километри) источно од јеменскиот град Ел Мукала. Во септември, индиските власти соопштија дека пиратите убиле пет членови на екипажот на танкерот „МТ Хонор 25“ (MT Honour 25), кој бил во рацете на пиратите уште од април, кога беа приведени 16 осомничени.
Повторното појавување на пиратството дополнително ги зголемува ризиците за поморскиот сообраќај во регионот, кој веќе е нарушен од конфликтот во кој е вклучен Иран. Нападите во Ормуска Теснина, како и заканите на јеменските Хути, кои имаат поддршка од Иран, кон бродовите поврзани со Саудиска Арабија што минуваат низ теснината Баб ел Мандеб, дополнително ги усложнија маршрутите за транспорт на нафта.
Овие нарушувања доведоа до продолжување на пловидбата и до зголемување на трошоците за танкерите. За некои пратки на нафта, кои се пренасочени околу африканскиот континент, сега е потребно и до еден месец подолго патување.
ноември 4, 2026


