Свет
Организациите за борба против ракот предупредуваат на неизвесно финансирање од ЕУ
Европските организации за борба против ракот стравуваат дека проектите од областа на истражувањето и превенцијата до персонализираното лекување и поддршката на пациентите би можеле да останат без финансирање во рамките на следниот повеќегодишен буџет на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година, што би можело да ја ослабне здравствената заштита на пациентите со рак низ Европа.
„Еуроњуз“ објави дека со предлогот на Европската комисија, средствата за здравство би биле обединети со финансирањето на биотехнологијата, земјоделството и биоекономијата во рамките на поширокиот Фонд за конкурентност,
Земјите-членки на ЕУ усвоија делумен преговарачки став за предложениот фонд, но неговата конечна структура и распределбата на средствата сè уште не се договорени.
Организациите за борба против ракот предупредуваат дека укинувањето на посебниот здравствен буџет може да го загрози финансирањето на постојните проекти, кои опфаќаат превенција и вакцинација, истражување на нови дијагностички методи, лекување и поддршка на пациентите.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што голем број проекти во моментов се финансираат преку Европскиот план за борба против ракот и Мисијата за борба против ракот, кои се потпираат на посебниот здравствен буџет на ЕУ и истражувачката програма „Хоризонт Европа“. Двете програми траат до 2030 година, што значи дека се преклопуваат со првите години од следниот повеќегодишен буџет.
„Проектите што навистина прават разлика – од обуката на лекарите и давањето глас на младите заболени од рак до развојот на нови терапии таму каде што можностите за лекување се ограничени – сега имаат неизвесна иднина“, изјави претседателката на Европската организација за борба против ракот, Изабел Рубио.
Еден од проектите со неизвесна финансиска иднина е ЕХоС (ECHoS), кој помага во спроведувањето на европските мерки за борба против ракот на национално и регионално ниво.
Координаторот на проектот, Уго Соареш, изјави дека се очекува да продолжат инвестициите во проекти за развој на нови технологии и терапии, но оти треба да се предвиди постепено укинување на финансирањето, наместо негово ненадејно прекинување.
Европската комисија, пак, наведува дека мерките што во моментов се финансираат преку програмата ЕУ4Хелт (EU4Health), односно посебниот здравствен буџет на Унијата, според нејзиниот предлог главно и натаму би можеле да конкурираат за средства од новиот буџет. Комисијата оценува дека на тој начин ќе се обезбеди континуитет во финансирањето на релевантните здравствени програми и постепен премин кон новиот систем.
Според предлогот на Комисијата, националните и регионалните партнерски планови би ги поддржувале здравствените системи на земјите членки, Фондот за конкурентност би ги поттикнувал иновациите и конкурентноста во здравствениот сектор, а „Хоризонт Европа“ би продолжила да финансира истражувања.
И Германија го поддржа продолжувањето на финансирањето на здравствените проекти. Германското Министерство за здравство соопшти дека сите проекти што досега имале право да добијат средства од програмата ЕУ4Хелт треба да ја задржат таа можност и во новиот буџет.
Загриженост изразија и пратеници во Европскиот парламент. Комитетот за јавно здравје побара ЕУ4Хелт да остане посебна програма, како и зголемување на средствата за превенција на болести во рамките на „Хоризонт Европа“.
Во извештајот усвоен на 28 септември, Комитетот побара најмалку 10,05 милијарди евра за здравство во буџетот за периодот 2028-2034 година, од кои 2,5 милијарди евра би биле посебно наменети за борба против ракот.
Европската организација за борба против ракот бара најмалку десет милијарди евра за здравство, вклучително и најмалку две милијарди евра за посебен фонд за борба против ракот, со гаранција дека овие средства нема да бидат изложени на конкуренција со индустриските и комерцијалните приоритети.
„Нема смисла Европа да вложува милиони во програми што спасуваат животи, а потоа да дозволи тие да исчезнат затоа што сме дозволиле да пресуши финансирањето“, рече Рубио.
ноември 5, 2026


