Свет
Трамп во првиот јавен настап по изборниот пораз зборуваше за своите градежни проекти
Американскиот претседател Доналд Трамп, синоќа, во својот прв настап пред телевизиските камери по поразот на неговата Републиканска партија на меѓуизборите, одлучи да говори за своите градежни проекти во главниот град.
Трамп, пред сè, ја фалеше салата за бал, што ја гради покрај Белата куќа. Ќе биде „најдобрата во светот“, рече Трамп на градилиштето.
Трамп исто така говореше и за својот план да изгради триумфална капија, како и да реновира старо голф-игралиште во Вашингтон.
Републиканците ги изгубија мнозинствата во двата дома на Конгресот откако американските гласачи, незадоволни поради тешкотиите, како што се високата инфлација и растот на цените на горивата, ѝ обезбедија победа на Демократската партија.
Трамп вчера исто така изјави дека војната во Иран вредела, иако ја призна нејзината улога во поразот на републиканците.
– Тоа со Иран моравме да го направиме и продолжуваме да го правиме – изјави тој пред новинарите.
Војната во Иран предизвика раст на цените на горивото, што се смета за еден од главните фактори за победата на демократите.
Трамп рече дека војната вредела за да се спречи Техеран да „добие нуклеарно оружје“.
Тој изјави дека нема ништо против објавата на потпретседателот Џеј Ди Венс на социјалните мрежи претходно вчера, во која Венс порача дека „војната е причината зошто изгубивме“.
– Можам да ви кажам дека што се однесува до војната, не би направил ништо поинаку – порача Трамп.
Тој повторно рече дека републиканците „би победиле“ доколку неговото име беше на гласачкото ливче.
– Но, едноставнок, не можете да ја пренесете таа љубов. Имаше толку многу љубов на тие собири, беше неверојатно, но не успеавме да им ја пренесеме таа љубов на кандидатите – рече тој.
Трамп исто така истакна дека Демократската партија ќе биде „уништена“ доколку почне постапка за негов импичмент откога ќе ја преземе контролата врз Конгресот на почетокот на 2027 година.
На прашање за можен импичмент по поразот на републиканците, Трамп рече: „Мислам дека би ја уништил Демократската партија доколку го направат тоа“ додавајќи дека „нема причина“ да се води таква постапка против него.
Трамп истакна и дека неговиот министер за одбрана Пит Хегсет врши „многу добра работа“ и покрај поразот на нивната партија.
– Не, мислам дека тој врши многу добра работа – одговори американскиот претседател на новинарско прашање за можно разрешување на министерот за одбрана.
ноември 5, 2026


