Забава
Научници од Институтот „Алфред Вегенер“, на Антарктикот открија остров долг 130 метри кој досега не бил означен на поморските карти
Германскиот истражувачки брод „Поларштерн“, барајќи засолниште од силно невреме во близина на островот Жоанвил, откри остров долг околу 130 метри кој на поморските карти бил означен само како потенцијална опасност за пловидба. Научниците го измериле со помош на сонар и дрон, а следниот чекор е негово официјално именување и внесување во меѓународните поморски карти и бази на податоци.
Германскиот мразокршач кој е во сопственост на Институтот „Алфред Вегенер“ (АВИ), на 8 февруари 2026 година исплови на научна експедиција во северозападниот дел на Веделовото Море, со 93 членови на меѓународен истражувачки тим. Целта на експедицијата не била откривање нови копнени површини, туку следење на движењето на мразот и водата од ледениот гребен Ларсен, како и истражување на причините поради кои морскиот мраз во овој дел на Антарктикот во последните години забрзано се повлекува.
Лошите временски услови ги прекинале истражувачките активности, поради што бродот морал да побара засолниште на островот Жоанвил кој се наоѓа на северниот врв на Антарктичкиот Полуостров. Токму таму е забележано нешто необично, локација која на достапните поморски карти била означена само како опасност за пловидба.
Батиметричарот Симон Дројтер од Институтот „Алфред Вегенер“ објаснува дека на поморската карта било наведено само дека станува збор за подрачје со неистражени опасности за навигација, но откако внимателно ја разгледал локацијата, сфатил дека пред бродот најверојатно се наоѓа карпеста површина, а не санта мраз.
– Пред нас имаше остров – изјави Дројтер, опишувајќи го моментот.
Станува збор за копнена површина која, и покрај тоа што се наоѓала во подрачје опфатено со поморски карти досега не била прецизно идентификувана и измерена. За да ги утврдат точните димензии и изгледот на островот, научниците примениле комбинација од современи хидрографски и фотограметриски методи.
Истражувачкиот брод „Поларштерн“ го обиколил островот, притоа одржувајќи најмалку 50 метри вода под својата кобилица, доближувајќи му се на растојание од околу 150 метри.
Со помош на повеќезрачниот ехолот било извршено детално снимање на морското дно околу островот, со што биле добиени податоци за неговата подводна конфигурација и околниот релјеф. Истовремено, биле направени неколку фотографии со дрон. Врз основа на нив, со примена на фотограметрија, биле изработени тродимензионален висински модел и геореференцирана снимка на крајбрежјето.
Од Институтот „Алфред Вегенер“ наведуваат дека ова е првото систематско мерење на островот. Резултатите покажале дека островот е долг околу 130 метри, широк приближно 50 метри и се издигнува околу 16 метри над морското ниво.
Научниците од АВИ засега немаат сигурно објаснување зошто оваа локација на поморските карти била означена само како опасност за пловидба, додека во другите достапни бази на податоци воопшто не била евидентирана како копнена површина. Дополнителен проблем било и неточното позиционирање. Ознаката на поморската карта се наоѓала на околу една наутичка милја од вистинската локација на островот, односно била поместена за нешто помалку од два километри.
Дури ни сателитските снимки не овозможувале лесно препознавање на островот. Поради ледената покривка, неговата површина тешко можела да се разликува од санта мраз што пловат во околното море. Токму комбинацијата од неточни координати, ледена покривка и недоволно истражена локација придонела островот да остане неидентификуван како копно.
Откриениот остров засега нема официјално име. Тимот на Институтот „Алфред Вегенер“ ќе започне меѓународна постапка за негово именување. По завршувањето ќе бидат објавени точните координати, а островот ќе биде внесен во официјалните поморски карти и во специјализираните бази на податоци, меѓу кои и „IBCSO“, батиметриската карта на Јужниот Океан.
Овој процес е важен не само за географската евиденција, туку и за безбедноста на пловидбата. Имено, објектите што не се соодветно документирани и потврдени во ваквите бази на податоци може со тек на времето да бидат отстранети од картографските записи.
Ова не е прво вакво искуство на истражувачкиот тим на АВИ. Во 2014 година тој успеал да внесе две подводни планини во поморските карти.
Иако откривањето на островот привлече внимание, главната научна цел на експедицијата била истражувањето на промените во морскиот мраз во северозападниот дел на Веделовото Море.
Антарктичкиот морски мраз со децении се смета за релативно стабилен, особено во споредба со промените забележани на Арктикот. Сепак, податоците покажуваат дека површината на морскиот мраз во северозападниот дел на Веделовото Море нагло се намалува од 2017 година. Како една од можните причини за оваа појава се наведува зголемувањето на температурата на површинските води.
– Раководителот на експедицијата, Кристијан Хас, изјавил дека дебелината на морскиот мраз значително се разликувала од едно до друго истражувано подрачје, појаснувајќи дека мразот и понатаму има дебелина меѓу еден и пол и два метра, но дека на крајот од летната сезона врз него воопшто немало снежна покривка и тоа претставува значајна промена во однос на состојбата пред десет години, кога врз морскиот мраз имало неколку сантиметри снег.
Според него, мразот сега почнува да се топи и од горната страна, што е процес многу потипичен за Арктикот.
-Слоевите слатка вода кои се создаваат при топењето на мразот, засега ја спречуваат топлината од океанот да стигне до морскиот мраз. На тој начин се создава привремена бариера меѓу потоплата океанска вода и ледената површина, објаснил тој посочувајќи дека ваквите податоци се особено важни за разбирањето на процесите што влијаат врз стабилноста на антарктичкиот морски мраз и промените во регионот.
Откриениот остров засега ќе помине низ постапка за официјално именување и картографско евидентирање, по што ќе стане дел од идните поморски карти и меѓународни географски бази на податоци. Собраните податоци за состојбата на морскиот мраз ќе бидат вклучени во долгорочните научни истражувања што Институтот „Алфред Вегенер“ ги спроведува на овој дел од Антарктикот, од 2002 година.
Заклучок на ова е дека експедицијата на „Поларштерн“ пронашла, не само нови сознанија за промените во антарктичкиот мраз, туку и открила место што ќе бара додавање на поморските карти, на еден од најмалку истражените делови на планетата.
ноември 5, 2026


