Connect with us

Регион

Мирен протест на учениците и студентите во Атина

За уште еднаш да ги истакнат нивните барања за бесплатно и јавно образование, за трошоците за живот за кои велат дека се особено големи за еден студент, за поголеми средства за училиштата и факултетите, студентите и учениците во Грција одржаа нов протест во центарот на Атина, но и во низа други грчки градови, јави дописничката на МИА од Атина.

Протестите, што завршија мирно, беа под слоганот „Од Грција до Франција се бориме за бесплатно, јавно образование“, а дел од студентите коментираат дека Владата одвојува пари и средства за воена опрема, а не за условите за студирање.

– Денес сме на улица, од истите причини поради кои се на улиците и нашите колеги студенти во Франција и во остатокот од Европа. Работите се едноставни. Живееме во Грција во која ни велат дека еден студент нема да може да студира на државен универзитет затоа што нема да може финансиски да си го дозволи тоа, вели за МИА една од студентките кој учествуваше на протестот.

Посебен акцент, студентите ставаат и на трошоците за живот што се потребни за оние кои доаѓаат од помалите градови, посочувајќи само за кирија потребни се најмалку 600 евра, а на тоа се додаваат и останатите трошоци, паралелно објаснувајќи дека не сите универзитети имаат и студентски домови.

– Не е прифатливо студент во 21 век да мора да плаќа 600, 700, па дури и 800 евра кирија за да може да живее во градот во кој студира. Не е прифатливо на универзитетите, кои треба да бидат јавни и бесплатни, студентите да мораат да плаќаат огромни суми за студиски материјали, потрошен материјал и којзнае за што уште. На мојот факултет воопшто нема студентски дом, вели студент за МИА.

Заедно со студентите, протестираа и учениците, кои исто така, велат дека се борат за подобри услови во училиштата, а пред грчкиот Парламент, симболично оставија ќеси со остатоци од малтер и сличен материјал, за кои велат дека паѓаат од ѕидовите и таваните во училиштата.

„Ви ги враќаме она што од таваните паѓа врз нашите глави во училиштата“, беше ораката заедно со ќесите оставени пред Парламентот.

Протестот го поддржа и Федерацијата на просветните работници од средите училишта со четиричасовен прекин со работа од 10 до 14 часот за да се олесни учеството на собирите на професорите и наставниците.

Протести, освен во центарот на Атина, се одржаа и во над 30 градови низ цела Грција. 

Ad
Ad