Хроника
Кривична пријава за пет лица од Куманово поради изнуда и перење пари, претреси на шест локации
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против пет лица од Куманово поради сомнение за сторени кривични дела „Изнуда“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Во координирана полициска акција биле уапсени четири лица, додека петтиот осомничен е недостапен за органите на прогонот.
Како што информира МВР, акцијата била спроведена вчера од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во рамки на акцијата била сузбиена петчлена организирана криминална група од Куманово.
Од слобода биле лишени Д.П. (37), Л.К. (73), М.К. (27) и Д.Ж. (43), сите од Куманово. Петтиот осомничен, З.Р. (35), е недостапен за органите на прогонот.
При претресите на шест локации во Куманово биле пронајдени и одземени договори за заем со нереално високи камати, договори за солемнизација на недвижен имот, поголема сума финансиски средства, патнички моторни возила, мобилни телефони и други електронски уреди.
Според досега обезбедените сознанија, од 2021 година осомничениот Д.П. формирал група со цел вршење кривични дела. Во еден од случаите, заедно со З.Р., принудувал оштетено лице да презема дејствија на штета на сопствениот имот.
Во текот на 2023 година, оштетеното лице побарало заем од 4.000 евра од Д.П., со усмен договор парите да ги врати во рок од еден месец, со камата од 2.500 евра. Иако договорениот износ бил целосно вратен, Д.П. побарал од оштетеното лице да ја користи неговата банкарска сметка за фиктивни уплати и повлекувања на парични средства.
Потоа, според полицијата, започнал да упатува закани и барал патничко моторно возило да биде ставено како наводен залог за идни фиктивни долгови, кои требало да послужат како покритие за трансферите на парични средства преку сметката.
По налог на Д.П., како што наведуваат од МВР, во адвокатска канцеларија во Куманово бил изготвен фиктивен договор за купопродажба на возилото, при што бил фалсификуван потписот на оштетеното лице.
Во истата адвокатска канцеларија бил изготвен и фиктивен договор за заем на парични средства во износ од 1.000.000 денари, кој бил заверен во нотарска канцеларија. Фиктивниот договор за купопродажба бил употребен како вистински документ, врз основа на што сопственоста на возилото била префрлена на З.Р. и била издадена нова регистарска ознака.
Во врска со наводниот долг од еден милион денари, врз основа на лажната исправа била поведена постапка за извршување, по што на оштетеното лице му била блокирана банкарската сметка.
Во друг случај, друго оштетено лице во два наврати позајмило 180.000 денари од Д.П. За заемите биле склучени два договора со Л.К. и Д.П. Иако оштетениот ги вратил позајмените средства, Д.П. побарал дополнителна исплата на камата.
ноември 6, 2026


