Вести
Мицкоски: Нашиот став за уставните измени е јасен и непроменет
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска истакна дека ставот на оваа Влада во однос на уставните измени е јасен и непроменет и оти се надева дека дијалогот со Бугарија на крајот ќе вроди со плод.
– Што се однесува до уставните измени, нашиот став како Влада е јасен и тој е непроменет. За жал, поради експозициите и антидржавната политика на претходната влада на СДСМ и Демократската унија за интеграција, ние сега имаме политички услов, а тоа се уставните измени, иако многу пати во тоа време предупредувавме, бевме опозиција, предупредувавме да не влегуваат во такви авантури. За жал, тоа не го послушаа и сега ние можеби сме единствениот пример којшто, покрај оние суштински реформи што треба да ги спроведе, имаме и политички услови. Но, тоа е што е, ние го водиме дијалогот со нашиот источен сосед. Се надевам дека тој дијалог на крај ќе вроди со плод и ќе можеме да зборуваме за процес којшто конечно после, еве, 21 година откако се стекнавме со кандидатски статус и 26 години откако го потпишавме договорот за стабилизација и асоцијација, ќе можеме да отпочнеме со процесот на преговори – рече Мицкоски кој денеска беше на настан во Пирава.
Евроамбасадорот Михалис Рокас вчера на прес-конференција потврди дека имаме значителен напредок во реформите оваа година, а премиерот Мицкоски посочи дека во извештајниот период не се ставени реформите што ги имаме завршено до 31 август. Негови очекувања се дека следната година ќе имаме уште подобар извештај и дека уште еднаш ќе се потврди дека имаме реформска Влада.
– Амбасадорот вчера на прес-конференцијата кажа дека во суштина, споредено со минатогодишниот извештај, имаме значителен напредок оваа година. Но, важно е да се каже дека извештајниот период не ги опфаќа оние реформи што веќе се направени во меѓувреме и ќе се направат до крајот на годината, посебно кога станува збор за борбата со корупција и владеењето на правото, бидејќи извештајниот период завршува до 31 август. А, во процесот на реформската агенда ние направивме многу реформи коишто исто така се дел од она што е важно и што претставува дел од овие извештаи на самата Европска Унија. Така што, очекувам следната година да имаме уште посилен извештај со што ќе се потврдат напорите и амбициите на оваа Влада да биде реформска влада – рече Мицкоски.
ноември 6, 2026

