Вести
Димитровски: Европската интеграција не смее да биде заложник на билатералните спорови
Европската интеграција не смее да биде заложник на билатерални спорови, а земјите членки на Европската Унија и Централноевропската иницијатива треба да покажат солидарност и политичка поддршка за земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија на својот пат кон членство во Унијата – порача заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски.
На денешниот министерски состанок на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ) во Букурешт, Димитровски ја истакна потребата од забрзување на процесот на проширување на ЕУ и поголема политичка поддршка за земјите кандидати.
Тој нагласи дека европската интеграција мора да остане веродостоен стратешки приоритет и дека Македонија останува посветена на членството во ЕУ, спроведувањето на европските реформи и целосното усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
Осврнувајќи се на искуствата на земјите од Централна и Источна Европа, Димитровски посочи дека нивното пристапување во ЕУ било овозможено не само со сопствените напори и реформи, туку и со поддршката и солидарноста на земјите членки.
– Денес, земјите од Западен Балкан, заедно со Украина и Молдавија, се посветени на остварување на истата европска амбиција. Но, некои од земјите кандидати, вклучително и Северна Македонија, сè уште се соочуваат со билатерални пречки во пристапниот процес, вклучително и пречки што произлегуваат од земји членки на самата Европска Унија, меѓу кои и членки на ЦЕИ – истакна Димитровски.
Тој порача дека духот на солидарност, добрососедство и меѓусебно разбирање, кој придонел за европската интеграција на земјите од Централна и Источна Европа, треба да биде водилка и во односите со денешните земји кандидати.
– Очекуваме нашите партнери од Централноевропската иницијатива да ни подадат рака, да покажат политичка волја и да ги поддржат нашите напори за надминување на билатералните пречки. Европската интеграција не смее да биде заложник на билатерални спорови. Ова не е само прашање на солидарност со земјите кандидати, туку и инвестиција во стабилноста, безбедноста и иднината на целиот европски континент, порача Димитровски.
На состанокот било нагласено и значењето на регионалната соработка, поврзувањето, енергетската безбедност, зелената и дигиталната транзиција, зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Димитровски ја реафирмирал и поддршката на Македонија за Украина нагласувајќи дека мирот, територијалниот интегритет и почитувањето на меѓународното право мора да останат темелни принципи на европската безбедност.
Тој ја истакнал и потребата од посилна, повидлива и поефикасна Централноевропска иницијатива, со јасни приоритети и засилена соработка со Европската Унија и регионалните партнери.
ноември 6, 2026

