Connect with us

Регион

Уапсени десет лица во Грција за криумчарење на над 500 мигранти

Грчката полиција разби криминална организација која нелегално пренесувала мигранти во Грција, при што расчистен е 41 случај со криумчарење на над 500 мигранти и уапсени се десет лица, кои нелегално се стекнале со над 750.000 евра.

Од грчката полиција соопштија дека во акцијата спроведена во Солун и областа Теспротија во северозападниот дел на Грција, биле уапсени тројца странски и седум грчки државјанки, кои најмалку од јуни 2025 година се здружиле во криминалната организација, што функционирала во и вон грчката граница.

Поконкретно, мигрантите пеш и нелегално влегувале во земјата, добивале привремено сместување, или во објекти за престој или во импровизирани шатори поставени во планинските предели на Теспротија, добивале храна, вода и сим-картички за мобилни телефони, за што плаќале екстремно високи цени, а потоа со меѓуградски автобуси биле пренесувани во градовите Атина, Патра или во странство.

Доста често, членовите на криминалната мрежа им ги задржувале пасошите на лицата кои ги пренесувале.

Според грчките медиуми, мигрантите, од Непал, Јемен и Кина, во Грција влегувале пеш од Албанија преку нелегални, тешко проодни планински премини.

Во полициските операции, како и при претресите во три станбени објекти и еден угостителски објект, биле пронајдени и запленети три автомобили, пари и пасоши.

Паралелно бил уапсен и 21 странски државјанин кои немале документи со кои би го докажале нивниот престој во Грција.

Според процената на полицијата, незаконската финансиска корист што ја остварила криминалната организација изнесува најмалку 750.000 евра.

Акцијата била во соработка со Европол и е во рамките на Националниот оперативен план што е дел од програмата EMPACT 2.2 EAST MED на Европската Унија за борба против организираниот криминал.

Ad
Ad