Филм
Нетфликс до 2028 година ќе вложи приближно 200 милиони долари во турските продукции
Американскиот медиумски гигант „Нетфликс“ во рок од две години, до 2028 година, ќе инвестира 10 милијарди турски лири (околу 199,8 милиони долари) во продукција на турски филмови и серии, изјави потпретседателот на компанијата за содржини во Шпанија, Португалија, Турција и Блискиот Исток, Диего Авалос.
Според него, инвестицијата ќе биде наменета за финансирање нови серии и филмови што ќе се снимаат во различни градови низ Турција, со што ќе се отворат нови работни места и ќе се поттикне развојот на креативниот сектор во државата.
– Со оваа инвестиција ќе се емитуваат нераскажани приказни од различни делови на Анадолија, со што ќе создадеме нови можности за вработување во креативниот сектор. Имаме уште многу приказни што треба да ги раскажеме заедно, истакна Авалос.
Тој додаде дека дел од средствата ќе бидат наменети и за различни програми и иницијативи на „Нетфликс“, меѓу кои е и програмата „„Мапа на таленти на Турција“ , чија цел е да им овозможи на младите луѓе од Турција дополнителна обука и усовршување во области поврзани со филмската индустрија.
Финансиска поддршка ќе добие и настанот „Следна приказна: Ден за презентација на проекти пред „Нетфликс“, преку кој турските сценаристи, режисери и продуценти, кои досега не соработувале со онлајн платформата, ќе имаат можност пред компанијата да ги претстават своите филмски и телевизиски проекти.
Авалос потсети дека „Нетфликс“ досега организирал повеќе од 40 бесплатни програми за обука, посветени на различни сценарија, режија, визуелни ефекти и работилници за адаптација, со цел да придонесе за развојот и иднината на креативната индустрија во државата.
– Во изминатите десет години компанијата на своите гледачи им претстави повеќе од 90 турски продукции, додаде Авалос, нагласувајќи дека новата инвестиција е дополнителна поддршка за турската филмска индустрија.
ноември 6, 2026


