Политика
ВМРО-ДПМНЕ: СДС никако да престане свесно да создава хистерија за да предизвика страв и несигурност кај граѓаните, ЈО да реагира по 315 од КЗ
СДС никако да престане со умисла да создава хистерија со цел да предизвика штета на државата и граѓаните.
Нивното однесување е неприфатливо.
Додека државата и надлежните институции прават се и ги преземаат сите мерки за да се заштитат интересите и парите на граѓаните, СДС прави се тоа да го саботира.
По случаите со креирањето хистерија со цел предизвикување страв, паника и несигурност кај граѓаните за водата за пиење во Скопје, во Гостивар, наводниот колапс на ПИОМ и ред други, па сега и со случајот со Алта банка, редно е СДС да се освестат што прават.
Од друга страна го повикуваме Јавното обвинителство да реагира по член 315 од Кривичниот законик, за делото саботажа, каде што стои:
„Тој што во вршењето на својата работна обврска со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија на прикриен, подмолен или друг начин, ќе предизвика значителна штета за државен орган, установа или правно лице во кое работи или за друг државен орган, установа или правно лице, ќе се казни со затвор најмалку три години“.
Во делувањето на СДС со држење прес-конференции пред витални државни институции како што е Народна банка и нејзиното секојдневно обвинување гледаме основи за ваквото дело, затоа што свесно и со умисла сакаат да предизвикаат штета на државен орган, правно лице, како и на штедачите, односно македонските граѓани.
СДС мислат дека на тој начин ќе остварат политички бенефит и така ќе се факторизираат на политичката сцена во Македонија од која македонските гласачи целосно ги маргинализираа.
СДС не се грижат ни за штедачите ни за доверителите на банката, тие прават се за да наштетат на процесот за заштита на интересите на граѓаните, државата, доверителите и штедачите.
ноември 6, 2026


