Connect with us

Свет

Колапсот на банката „Уено“ ја урна власта во Парагвај, претседателот Пења под истрага

Претседателот на Парагвај, Сантијаго Пења (47), е предмет на кривична истрага поради колапсот на големата дигитална банка „Уено“, додека Парламентот покрена постапка за негово разрешување, независно што тој поднесе оставка.

Кризата во банката „Уено“ ја сврте против Пења и неговата долгогодишна владејачка партија „Колорадо“, во драматичен пресврт за поранешниот економист на Меѓународниот монетарен фонд, кој ја уживаше поддршката на најмоќните политички фигури во земјата и пред само неколку недели во Вашингтон беше пречекан како важен сојузник на администрацијата на Трамп.

Само неколку минути по објавувањето на оставката на Пења, Долниот дом на парламентот со 78 гласа „за“ и ниту еден „против“ изгласа негово разрешување, одлука што треба да биде потврдена и во Сенатот. Лидерите на Конгресот во петок ќе продолжат со расправата за прифаќање на оставката, со што на потпретседателот Педро Алијана би му се отворил патот да положи заклетва без да се чека одлуката на Сенатот.

Опозициските сенатори и натаму бараат Пења да биде разрешен, тврдејќи дека прифаќањето на оставката би му овозможило доживотно да стане сенатор и да добие правен имунитет, кој би можел да го заштити од кривично гонење.

Главниот обвинител Емилијано Ролон Фернандез наредил три кривични истраги за кризата во „Уено“, меѓу кои и истрага за Пења и други актуелни и поранешни владини функционери. Ќе се испитуваат надзорот врз банката, постапувањето на институциите при нејзиниот колапс и пласирањето јавни средства во финансиската институција.

Во видеообраќање објавено на мрежата Икс, Пења соопшти дека се повлекува во интерес на „стабилноста на земјата, социјалниот мир и зачувувањето на демократските институции“.

Неговиот политички ментор, лидерот на партијата „Колорадо“ и поранешен претседател Орасио Картес, исто така го поддржа разрешувањето, оценувајќи дека партијата нема да застане зад „ограбувањето на јавните и приватните средства и парите на пензионерите“.

Американското Министерство за финансии во 2023 година воведе санкции против Картес поради обвиненија за поткуп, но администрацијата на Трамп ги укина минатата година.

Пења, кој до минатата година имал удел во компанија поврзана со „Уено“, изрази жалење, но не презеде одговорност за колапсот на банката поради кој милиони штедачи, пензионери и работници се соочуваат со неизвесност околу враќањето на заштедите и исплатата на платите.

„Сакам да му се извинам на народот ако во кој било момент го разочарав. Никогаш немав намера да ја изневерам довербата што ми беше укажана“, рече тој.

Банката „Уено“ која за помалку од пет години од речиси непозната финансиска компанија прерасна во еден од најпрепознатливите брендови во Парагвај, имала повеќе од 60 отсто од полнолетните граѓани како клиенти. Нејзиниот брз раст, и покрај повторените предупредувања за ризичните кредитни практики, отвори прашања за блиските врски меѓу банката, политичката власт и деловната елита.

„Сантијаго Пења и партијата Колорадо ни ги украдоа сите заштеди. Доста ни е од 70 години ограбување“, изјави Луис Пинеда, еден од демонстрантите кои маршираа кон Конгресот.

Набргу по добивањето банкарска лиценца во 2023 година, „Уено“ стана присутна низ целата земја. Дигиталната банка, настаната со ребрендирање на децениска финансиска компанија, привлекуваше клиенти со поволни понуди, меѓу кои и враќање пари за купени прехранбени производи. Во меѓувреме, ја прошири мрежата на повеќе од 70 локации, стана спонзор на фудбалската репрезентација и го доби името на главниот стадион во Парагвај.

За време на мандатот на Пења, во банката се слевале значителни државни средства. Тој го именувал Карлос Карваљо, претседател на Финансијера „Уено“, за гувернер на Централната банка, институција задолжена за надзор над дигиталниот кредитор.

Минатиот месец „Уено“ пријавила дека располага со околу 800 милиони долари државни депозити, што претставува приближно  четвртина од вкупните државни средства. Меѓу нив биле и пари од државниот пензиски и здравствен фонд, како и од операторот на големите парагвајски хидроцентрали.

Загриженоста во Централната банка растела. Во јуни, нејзините инспектори утврдиле ризично кредитирање на поврзани лица, објави водечкиот парагвајски весник „АБЦ Колор“. Банката одобрувала големи кредити на компании поврзани со нејзините сопственици, над законски дозволените лимити и без доволно обезбедување на заемите.

Дури и минатиот месец Пења ја бранеше банката и надзорот на Централната банка, отфрлајќи ги предупредувањата како кампања за оцрнување што ја вознемирувала јавноста.

Но, во понеделникот ситуацијата доживеа целосен пресврт. Регулаторите откриле лошо документирани кредити кон компании поврзани со сопствениците, како и трошоци што банката погрешно ги евидентирала како имот, соопшти Централната банка.

По корекцијата на финансиските биланси, капиталот на „Уено“ што банките мора да го одржуваат за да ги покриваат загубите, паднал на помалку од половина од законскиот минимум. Централната банка во вторникот соопшти дека ја презема финансиската институција и започнува постапка за пренос на депозитите и наплатливиот имот во други банки, пред ликвидацијата на преостанатиот имот.

Апликацијата, платежните картички и услугите за трансфер на „Уено“ престанаа да функционираат, а филијалите беа затворени, оставајќи ги очајните штедачи да чекаат пред банките без можност да ги повлечат своите пари. Во средата, поради напливот на граѓани кои се обидувале да отворат сметки во други банки, престанале да функционираат и мобилните апликации на неколку финансиски институции, што дополнително ја зголемило паниката.

Властите повикаа на смиреност. Според законот што во средата итно беше усвоен во Конгресот, државниот гарантен фонд мора да ги обесштети штедачите во рок од пет работни дена. Исплатите започнаа синоќа, најпрво за помалите депозити, до околу 1.600 долари. Гаранцијата покрива средства до околу 36 илјади долари по клиент, што според проценките на Централната банка би било доволно за целосно обесштетување на околу 97 отсто од клиентите.

Притвор им е одреден на шестмина директори на „Уено“, меѓу кои основачот Мигел Васкес и претседателот на банката Хуан Мануел Густале, додека за уште две лица е одредена мерка домашен притвор до почетокот на судењето. Обвинителството поднесе обвиненија против 27 банкарски функционери и соработници, осомничени за злоупотреба на довербата и обид за измама.

Адвокатот на Густале ги оспори обвиненијата, наведувајќи дека раководството се потпирало врз вработените при одлучувањето за одобрување кредити.

„Претседателот или Управниот одбор не се одговорни за одлуката кој ќе добие одреден кредит“, изјави Хозе Фернандез Закур за локалните медиуми.

Синоќа пред Министерството за труд протестираа и вработени во „Уено“, сè уште облечени во униформите на банката. Тие ги палеа своите кредитни картички и бараа исплата на отпремнините и заостанатите плати, упатувајќи навреди кон Пења.

Неговата оставка не ги смири демонстрантите.

„Нека се спроведе постапката за разрешување и нека го изгуби имунитетот“, изјави Адолфо Виљалба, еден од учесниците на протестот.

Според проценките на Министерството за труд, колапсот на „Уено“ загрозил околу седум илјади директни и индиректни работни места во банката и поврзаните компании.

Многумина во Парагвај го гледаат колапсот на банката како уште еден пример за корупцијата во државните структури. Според најновиот индекс на перцепција на корупцијата на организацијата „Транспаренси интернешнл“, во Јужна Америка единствено Венецуела е рангирана полошо од Парагвај.

„Ова е уште еден напад врз чесните и вредни граѓани – луѓето чија скромна заштеда е резултат на долгогодишна работа“, изјави Белармино Балбуена, еден од илјадниците демонстранти кои во средата маршираа кон Конгресот во главниот град Асунсион. 

Ad
Ad