Туризам
Будимпешта и седумте мостови над Дунав
Во Будимпешта има седум мостови над Дунав, кои ги поврзуваат двете страни на градот – ридестиот, аристократски Будим на запад и рамниот, енергичен Пешта на исток. Секој од овие мостови има своја приказна, заедно создавајќи една од најпрепознатливите панорами во Европа.
Верижниот мост со калдрма е првиот изграден мост уште во 1849 година по наредба на грофот Иштван Шечењи. Како прв постојан мост преку Дунав, тој претставувал револуционерен технолошки подвиг на своето време и симбол на унгарската национална гордост.
А пак, четирите камени лавови, како чувари на мостот, симболизираат моќ и постојаност. Старите преданија велат дека Маршалко Јанош – тогаш најпочитуваниот каменорезец во Хабсбуршкото Царство, бил обвинуван дека „заборавил“ да ги изрезба јазиците на статуите. Така, весниците пишувале: „Овие лавови се безвредни, не се дури ни мачки. Мили Боже, немаат јазици!“ Несреќниот Јанош залудно објаснувал дека лавовите со отворени вилици природно не ги плазат јазиците, дека неговиот приказ е верен на анатомијата на лавот… Легендата, исто така, вели дека мајсторот, скршен од тежината на неправедните критики, на крајот избрал трагичен крај и се фрлил од тој мост во реката.
Следи Мостот на Елизабета, именуван по омилената хабсбуршка царица позната како Сиси. Со својата бела елеганција и тенки линии, тој претставува „најграциозниот“ премин преку реката. Изворниот мост бил уништен во Втората светска војна, а нов бил изграден во 1964 година.
Мостот на слободата е препознатлив по својата зелена метална рамка и птиците Турул на столбовите. Ова е пример за архитектурата во стилот „Арт нуво“. Отворен е во 1896 година по повод прославите на милениумот – илјада години од доаѓањето на Унгарците во Панонија. Дури и денес, неговите златни украси сведочат за поранешната слава на Австро-Унгарија.
Мостот на Маргарита ги поврзува двата дела на градот со Островите на Маргарита. Зелената оаза во срцето на градот е именувана по принцезата Маргарита, ќерка на кралот Бела IV. Преданието вели дека принцезата, откако ја преживеала монголската инвазија, го посветила својот живот на молитва во доминикански манастир на островот.
Карактеристичната кривина на мостот во средината не е архитектонски каприц, туку практично решение за поврзување на островите.
Мостот на Арпад на север, Мостот на Петефи на југ и најновиот Ракочи го надополнуваат ова уникатно „семејство“ мостови коишто не служат само за практичната намена – поврзувањето, туку се и неразделен дел од идентитетот на градот.
јуни 19, 2026

