Живот
Китот Тими угинал од глад по повеќемесечна борба со рибарска мрежа, покажа истрага
Грбавиот кит Тими, кој минатата пролет неколкупати се насука на брегот на германскиот дел од Балтичкото Море, угинал од глад откако со месеци влечел тешка рибарска мрежа заглавена в уста, покажаа наодите од истрагата објавени во дански извештај, пренесува денеска германскиот неделник „Цајт“.
Според наодите од обдукцијата, китот угинал крајно исцрпен, а на крајот се удавил. Неговиот желудник бил целосно празен, додека главниот патолог Тим Каре Јенсен наведе дека животното, според проценките, не јадело со месеци.
Китот, кој го доби прекарот Тими по плажата Тимендорфер, каде што првпат се насука, со месеци се мачел да плива со мрежата, а во моментот на угинувањето бил тешко исцрпен и на крајот се удавил.
Тими по неколку појавувања привлече големо меѓународно внимание, а случајот истовремено предизвика остри критики од активистите за заштита на животните, кои го доведуваа во прашање начинот на кој локалните власти ја организираа акцијата за спасување.
Според наводите на „Цајт“, Тими претходно се заплеткал во мрежа за лов на бакалар, каква што легално се користи на длабочини од околу 50 метри во водите меѓу Данска и Шведска.
Двајца експерти, кои за потребите на истрагата ги анализирале деловите од мрежата, ја исклучиле можноста таа да била користена за риболов во Балтичкото Море. Тоа укажува дека не станувало збор за таканаречена „мрежа на духови“, односно отфрлена рибарска мрежа што слободно плови во морето.
Морскиот биолог Даниел Штепутис изјави за „Цајт“ дека китот веројатно ја откинал мрежата од сидриштето, по што зад себе влечел нејзин дел долг околу 150 и широк три метри.
Трговецот со рибарска опрема Ајке Петерс оцени дека пречката заглавена во устата на китот веројатно му оневозможила на животното да се храни. Точниот момент кога китот се заплеткал во мрежата не е утврден, а со истрагата не е откриена ниту една претходна болест што би можела да ја предизвика неговата смрт.
„Цајт“ укажа и на сериозни пропусти за време на акцијата за спасување, како и на показатели дека китот за време на обидите за спасување претрпел значително страдање.
Локалните власти одобрија приватна акција за спасување под сè поголем притисок на јавноста, и покрај предупредувањата на експертите дека таквата интервенција би можела да му нанесе повеќе штета отколку корист на животното.
Според наводите на неделникот, гласовните пораки, документите и видеоснимките укажуваат на тоа дека дел од членовите на приватниот спасувачки тим дејствувале неорганизирано, некомпетентно и без единствен план.
ноември 23, 2026


