Свет
Мисирките што ќе ги помилува Трамп пред Денот на благодарноста пристигнаа во луксузен хотел во Вашингтон
Двете мисирки, кои ќе учествуваат во традиционалната церемонија на помилување по повод Денот на благодарноста, пристигнаа во луксузниот хотел „Вилард интерконтинентал“ во Вашингтон, каде што беа пречекани со црвен тепих и бројни фотографи, во пресрет на церемонијата што во Белата куќа ќе ја предводи американскиот претседател Доналд Трамп.
Министерството за земјоделство на САД на Х објави фотографии од двете бели мисирки кои се сместија во луксузниот хотел, каде што позираа пред фотографите и дури ги зазедоа креветите во своите соби.
Американците претходно беа повикани да гласаат за имињата на двете птици, а беа понудени три комбинации: „Командант и Поглавар“, „Слобода и Пердуви“ и „Мед и Шунка“. Победничката комбинација би требало да биде објавена денеска пред почетокот на вториот круг од гласањето. Во вториот круг ќе биде одлучено на која мисирка ќе ѝ биде доделено официјалното претседателско помилување.
Мисирките ги одгледувале американските фармери Скот и Беки Рајцел на фармата „Дин Гап“ во Западна Вирџинија. Двете се извеле на 15 јули, а според податоците на Белата куќа, едната особено сака јаболка „златен делишес“ и возења низ природата, додека другата го преферира безалкохолниот пијалак „Др Пепер“ и сонува за одмор во Тексас.
Птиците се избрани од поголемо јато врз основа на изгледот и темпераментот, а подготовките за церемонијата вклучувале навикнување на присуство на луѓе, фотографски блицеви и врева.
Белата куќа по повод традицијата ја претстави и интернет-играта Gobble Getaway, во која играчите ѝ помагаат на мисирката да го избегне готвачот вооружен со мрежа и плех за печење и да стигне до подиумот за помилување.
Традицијата на претставување мисирка пред американскиот претседател по повод Денот на благодарноста датира од 1947 година, кога Националната федерација на одгледувачи на мисирки првпат му подарила празнична птица на претседателот Хари Труман. Претседателот Џон Ф. Кенеди ја поштедил подарената мисирка во 1963 година, додека формалната церемонија на претседателско помилување во 1989 година ја востановил претседателот Џорџ Буш Постариот.
Трамп и првата дама Меланија Трамп би требало да учествуваат на овогодишната церемонија утре во 14:00 часот по локално време, на јужниот тревник на Белата куќа. Иако јавноста со гласање одлучува која мисирка ќе добие официјално помилување, традиционално двете птици се поштедени и не завршуваат на празничната трпеза.
ноември 23, 2026


