Connect with us

Регион

Албанија демантира дека од нејзина територија се лансирани дроновите кои ја потопија руската корвета

Министерството за надворешни работи на Албанија ги демантира наводите дека од албанска територија биле лансирани беспилотни летала кон Либија, при што беше погоден и потона руски товарен брод.

– Ги земаме предвид извештаите, во кои се тврди дека нападот со морски дрон против руската корвета е извршен од албанска територија. Предметните извештаи се неточни и не ги одразуваат фактите. Албанија не била вклучена во овој инцидент и нејзината територија не била ниту користена, ниту обезбедена за започнување или олеснување на таков напад. Категорично ги отфрламе овие обвинувања, кои беа изнесени без проверка на доказите. Ги повикуваме оние што се одговорни за ширењето на информациите да покажат точност, грижа и одговорност во размислувањето за прашањето со таква чувствителност, се наведува во соопштението на албанското МНР.

На платформата Икс, профилот „Клеш рипорт“ (Clash Report), а подоцна и профилот „Вижинер“ (Visioner), беше проширена информацијата дека почетна точка на морски дронови што учествуваа во нападот е албанскиот град Валона. Слични тврдења се појавија и во други странски медиуми.

Во меѓувреме, американската новинска агенција „Асошиејтед прес“ (Associated Press), повикувајќи се на двајца неименувани либиски воени претставници, објави дека според првичната истрага, украински морски дронови биле лансирани од база што ја користат украинските сили во западна Либија.

Речиси во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека Киев стои зад нападот во Бенгази, наведувајќи дека украинските сили користеле седум морски дронови од украинско производство во операцијата.

Тој на Икс објави дека руската корвета е потопена со седум поморски дронови од украинско производство.

– Ги продолжуваме операциите во определените поморски подрачја. Одговараме на руската агресија. Го развиваме украинското вооружување, наведе Зеленски.

Ad
Ad