Connect with us

Скопје

Четири објекти во Карпош претворени во големо уметничко платно

Четири објекти на паркингот кај Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Машинскиот факултет во Карпош добија нов изглед преку уметничката интервенција „ПОТАМУ, СОНОТ…“, со која секојдневниот урбан простор се претвора во големо уметничко платно.

Проектот е четврто поглавје од платформата „Еволуција на сонот“, иницирана и курирана од Весела Моловска, а уметничката реализација е на македонската уметница Калина Брајковска. Се реализира со покровителство на Општина Карпош, во соработка со ФИНКИ и Машинскиот факултет.

Четирите објекти се замислени како делови од една заедничка уметничка композиција, чија целина се открива од различни точки на околниот јавен простор. Авторскиот концепт е создаден специјално за оваа локација, во дијалог со архитектурата, урбаното опкружување и луѓето кои секојдневно го користат просторот.

Посебен акцент е ставен на вклучувањето на заедницата. Еден од ѕидовите е реализиран како колективно дело, врз основа на идеите на најмладите и студентите кои секојдневно престојуваат во овој дел од градот. На тој начин, тие не се само набљудувачи, туку и активни учесници во создавањето на уметничката интервенција.

Изборот на локацијата има симболично значење, со оглед на близината на двата факултета и присуството на голем број студенти и млади луѓе. Преку проектот, современата уметност се поврзува со знаењето, технологијата и урбаниот живот, станувајќи дел од секојдневието на граѓаните.

Платформата „Еволуција на сонот“ започна во 2016 година, кога стара семејна куќа и нејзината градина во скопско Дебар Маало беа претворени во привремен мултидисциплинарен уметнички простор, непосредно пред нивното уривање. Првото издание ги обедини уметниците околу темите на меморијата, трансформацијата и минливоста.

Во 2018 година, втората етапа донесе меѓународна соработка и мултидисциплинарна програма со уметници и музичари од Македонија, Португалија, Шпанија и Ангола, додека третото издание, во 2025 година, прерасна во тридневен фестивал со музика, перформанси, визуелни и урбани интервенции, работилници и активности со локалната заедница.

Зад платформата стои Весела Моловска, која има повеќе од 20 години професионално искуство во реализација на културни проекти во Македонија, Шпанија, Португалија и Италија. Меѓу позначајните проекти на кои работела е и скопската реализација на глобалниот уметнички проект „Inside Out“ на францускиот уметник JR, во рамките на кој 134 македонски уметници и културни работници испратија заедничка порака за видливоста и улогата на уметноста во општеството.

Со „ПОТАМУ, СОНОТ…“ платформата продолжува да ја истражува улогата на јавната уметност во менувањето на урбаниот простор и создавањето колективна меморија. Четирите објекти во Карпош добиваат ново визуелно обележје, а просторот станува место на средба меѓу уметноста, архитектурата и заедницата.

Ad
Ad