Регион
Во Собранието на Србија формирани пратеничките групи на Студентската листа и СНС, ги водат Бакиќ и Вучиќ
Во продолжението на денешната конститутивна седница на Собранието на Србија беа формирани пратеничките групи „Студентска листа“, чиј шеф е Јово Бакиќ, и „Србија победува“, чиј претседател е Александар Вучиќ.
Заменик-претседател на пратеничката група „Студентска листа“ е Александра Штимац, додека заменик на Вучиќ е Миленко Јованов.
За претседател на новиот состав на Собранието на Србија се предложени Александар Чупиќ во име на „Студентската листа“, а во име на листата „Обединета Србија“ – Стојан Раденовиќ, кој претседава со конститутивната седница како најстар пратеник.
На почетокот на расправата за избор на претседател на парламентот, шефот на пратеничката група „Студентска листа“, Јово Бакиќ, оцени дека Раденовиќ, како претседавач, е „во судир на интереси“ бидејќи е кандидат на групата „Србија победува“ за претседател на парламентот.
– Кандидат за претседател на Народното собрание не може да раководи ниту да помага во раководењето со гласањето. Вие сте во судир на интереси. Деловникот е повреден со самиот предлог – изјави Бакиќ.
Образложувајќи го предлогот Раденовиќ да биде претседател на парламентот, шефот на пратеничката група „Србија победува“, Александар Вучиќ, рече дека Раденовиќ е предложен „бидејќи е поголем научник и има повеќе научни дела отколку сите 250 пратеници заедно“.
– Тој нè држеше на 200-тото место на Шангајската листа. Додека ги имавме неговите трудови, стоевме високо. Такви научници и научни трудови повеќе нема – рече Вучиќ.
Вучиќ им честиташе на „оние кои остварија мнозинство на изборите и им посака успех во работата“ за напредокот на Србија, а го осуди утринскиот инцидент пред Домот на Народното собрание, каде што пратеничката од листата „Обединета Србија“, Лидија Вукиќевиќ, беше полеана со јогурт.
– Денеска требаше да биде свечен ден, но наместо честитки имавме прилика да го видиме најбруталниот напад врз народната пратеничка Лидија Вукиќевиќ, која веројатно е виновна што дошла на главниот влез за да си ја врши својата работа. Со морничави пораки и најстрашни навреди ја кубеа, ја тегнеа за половината и на крајот ја полеаја со јогурт – кажа Вучиќ.
Вучиќ додаде дека од претставниците на „Студентската листа“ не слушнал ниту еден збор на осуда за тој инцидент.
– Како би се чувствувале дамите некој овде да ги полева со јогурт? Јас би се чувствувал ужасно. Се пониживте себеси, а не таа жена. Од каде ви е тој порив за напади врз жени – праша Вучиќ.
Пратеникот на Сојузот на војводинските Унгарци, Балинт Пастор, предложи пратениците на националните малцинства да можат да формираат пратеничка група со најмалку тројца пратеници.
ноември 18, 2026


