Забава
Поднесени илјадници барања за отсуство од работа во Белгија за играње на „ГТА 6“
Според податоците објавени од компанијата „Асерта“, во Белгија е регистриран пораст од дури 66 отсто на барањата за отсуство од работа во приватниот сектор, за 19 ноември во споредба со минатата година, поради објавување на долгоочекуваната видеоигра „ГТА 6“.
„Можно е илјадници вработени да земат слободен ден за да можат да ја играат новата игра, а според нашите информации барателите се помлади од 30 години“, пренесе белгиската телевизија ВРТ.
Од компанијата проценуваат дека меѓу 10.000 и 15.000 вработени во приватниот сектор би можеле в четврток да земат слободен ден.
Освен во Белгија, пораст е забележан и во Холандија со регистрирани 21 отсто повеќе планирани отсуства тој ден. Додека пак, во САД каде што е создадена играта, речиси секој петти вработен сака да земе слободен ден за да може да ужива во новото продолжение на популарната игра.
Американската компанија „BambooHR“ задолжена за услуги во областа на човечки ресурси, по направените анализи на повеќе од 3,4 милиони вработени, утврдила дека барањата за отсуство од работа тој ден се зголемиле за речиси 13 отсто во споредба со минатата година.
Според податоците, генерацијата „З“, односно лицата родени во 1997 до 2012 година, поднела најмногу барања за отсуство, т.е 32 отсто од нив.
„ГТА 5“ беше објавена во септември 2013 година, со продадени над 230 милиони примероци ширум светот.
ноември 17, 2026

