Connect with us

Сцена

Ник Кејв против ВИ: Не ја чепкај музиката

Американскиот музичар Ник Кејв ја нападна вештачката интелигенција, велејќи дека платформите за генерирање песни се „врвно понижување на музиката, коешто ја уништува душата“. Во објава на својот блог, „Ред хенд фајлс“ (The Red Hand Files), пејачот изрази длабока загриженост во врска со поширокото влијание на ВИ и нејзината технологија.

Имено, откако претходно ѝ порача на платформата „Чет-ГПТ“ – „да о**бе“ и „да не чепка во пишувањето песни“, 69-годишниот кантавтор предупреди дека автоматизираните генератори на музика „прават потсмев од самиот чин на создавање, правејќи го човештвото излишно“, пренесува „Индепендент“ (The Independent).

„Според мене, платформите за генерирање песни се показател за демонскиот потенцијал на оваа технологија во подем – потенцијал да го испразнат човековиот труд и да ја прекинат нашата врска со божественото“, напиша тој.

Така, Кејв нагласува дека ВИ ги зема плодовите на човековиот труд и ги сведува на обична стока.

„Ова е, можеби, нашето последно понижување, коешто најмногу ја уништува душата. За оние кои сакаат да го исчистат светот од ’проблематични‘ уметници – а овие цензорски сили не покажуваат знаци на попуштање – ова сигурно е причина за славење, бидејќи овие платформи ветуваат свет целосно ослободен од уметници“, продолжи уметникот.

Кејв истакна дека не е сигурен дали ВИ „ќе го спаси светот, ќе го уништи или нешто помеѓу тоа“, но вели дека таа ги доведува во прашање долгогодишните претпоставки за уметноста.

„Не можеме да ја одвоиме уметноста од уметникот; тие се неразделни, исто како што брановите се неразделни од морето од коешто произлегуваат. За некои, ова можеби е непријатна вистина, но за мене, тоа беше јасно… Сè досега. Со појавата на платформите за генерирање песни, ова сложено прашање доби сосема нова димензија. Конечно стана возможно да се одвои уметникот од уметноста“, пишува тој.

Згора на тоа, уметникот кој „е полн со маани, хаотичен, скршен, беден, а сепак горко-радосен“ – може целосно да се отстрани од равенката, како „некаков непотребен отпад“, додаде саркастично Кејв.

Ad
Ad