Сцена
„Суперхикс“ ќе ја промовираат монографијата „Хроника на една гласна иронија“ на 13 ноември
На 13 ноември (петок), со почеток во 20 часот, во кафе бар „Ван Гог“ во Скопје ќе се одржи промоцијата на монографијата „Суперхикс – Хроника на една гласна иронија“, посветена на една од најпрепознатливите групи на македонската музичка сцена.
„Тоа значи повеќе од три децении музика, концерти и приказни собрани на скоро 400 страници. Монографијата, чиј автор е музичкиот публицист Тошо Филиповски, на приближно 400 страници ја документира историјата на ‘Суперхикс’, од нивните почетоци во 1994 година до денес. Книгата претставува осврт на повеќе од три децении музичко творештво, настапи, спомени и моменти што го обликувале патот на бендот. Промоцијата ќе биде можност публиката да се запознае поблиску со приказната зад монографијата преку разговор со авторот и членовите на ‘Суперхикс’, како и да слушне дел од интересните приказни што ја одбележале нивната музичка кариера“, се вели во известувањето.
Посетителите ќе имаат можност да ја купат книгата на самото место, по специјална промотивна цена, да добијат потпишан примерок и да се дружат со членовите на бендот. За оваа пригода ќе биде достапна и нова серија маици на „Суперхикс“.
Така, една книга – над три десетлетија музика и уште една причина повеќе за дружење со „Суперхикс“. А, бидејќи станува збор за „Суперхикс“, велат, вечерта нема да мине без музика. Бендот најавува и краток акустичен настап за присутните.
ноември 12, 2026


