Connect with us

Хроника

Одземен пасошот на вработената во штедилница, која се сомничи за злоупотреба на пари на граѓани

Одземен е пасошот на вработената во штедилница, која се сомничи за злоупотреба на пари на граѓани, потврдија од Основниот суд во Кавадарци за МИА. 

– Судот определи мерки на претпазливост, одземање на патна исправа и задолжително јавување еден ден во седмицата кај службено лице во Основен суд Кавадарци – појаснија од судот. 

Велат дека вообичаено во вакви случаи има и известувања до гранични премини, да не се премине граница со лична карта, на гранични премини на кои тоа е можно во нормални услови. 

Инаку, Секторот за внатрешни работи Велес денеска информираше дека е поднесена кривична пријава против вработена во филијала на штедилница во Кавадарци поради злоупотреба на парични средства на граѓани. 

Оттаму појаснија дека ОВР Кавадарци, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.Г.(51) од овој град, поради постоење основи на сомнение дека сторила кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „проневера во службата“. 

– С.Г., вработена во филијала на штедилница во Кавадарци, подолг период вршела злоупотреби на парични средства на штедачи, реализирала фиктивни кредити на име на оштетени граѓани и не извршувала прописно евидентирање на нивните депозити, со што се стекнала со противправна имотна корист – соопштија од СВР Велес. 

Полициски службеници од ОВР Кавадарци, Одделот за криминалистичка полиција при МВР – Сектор за општ и насилен криминал и семејно насилство и службеници од Финансиска полиција во координација со Основното јавно обвинителство Кавадарци презеле предистражни дејствија и извршиле претреси на повеќе локации. 

– При тоа биле пронајдени и одземени предмети и документација во врска со настаните. С.Г. била обезбедена и изведена пред ОЈО Кавадарци, кој доставил предлог за определување мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и обврска да се јавува во суд – информираа од СВР Велес.

Ad
Ad