Connect with us

Свет

Гади Ајзенкот доби мандат за формирање нова израелска влада

Лидерот на израелската партија Јашар, Гади Ајзенкот, денеска од претседателот на Израел, Исак Херцог го доби мандатот за формирање нова влада.

– Очекувам од Вас да сторите сè што е во ваша моќ за да формирате влада која ќе ѝ служи на целата нација – рече Херцог на свечената церемонија во претседателската резиденција.

Тој изрази надеж дека новата влада ќе придонесе за „единство, поврзување и лекување“ на сите делови од израелското општество.

Ајзенкот изјави дека мандатот го прифаќа со „длабоко чувство на должност и јасно разбирање за големата одговорност и товар“ што се на неговите плеќи, истакнувајќи дека пред него се „сите граѓани на Израел“.

Поранешниот началник на Генералштабот на израелската армија оцени дека Израел се наоѓа во „тежок и пресуден вонреден период“, додека воените фронтови остануваат отворени, а земјата истовремено се соочува со „разорна дипломатска криза“.

– Со мандатот што денеска ми е доверен, посветен сум на формирање влада на национално единство. Тоа ќе бара креативни и вонредни политички потези. Израел ја нема привилегијата да губи време или да повторува бескрајни изборни циклуси – рече Ајзенкот.

Претседателот на Израел, Исак Херцог, во средата и четвртокот спроведе консултации со партиските делегации кои ги претставуваат сите 120 новоизбрани членови на Кнесетот. Ајзенкот доби 67 препораки за премиер, додека Нетанјаху доби 46.

Ајзенкот сега има 28 дена да формира влада, а Херцог е овластен да му одобри продолжување до 14 дена доколку биде потребно.

Ad
Ad