Connect with us

Свет

Петмина загинати и најмалку 10 повредени во пукање во центарот на Краков

Пет лица загинаа, а повеќе од десет се повредени во пукање што се случи попладнево на Главниот плоштад во центарот на Краков, Полска, по што осомничениот напаѓач бил ранет во акција на полицијата и е пренесен во болница под стража, јавија полските медиуми.

Напаѓачот, кој според првичните информации бил облечен во маскирна униформа и со полициска маска и очила, пристигнал со црн автомобил „Субару“ и почнал да пука кон случајни минувачи од автоматско, долгоцевно огнено оружје од воен тип. Меѓу повредените има и двајца полицајци. Идентитетот на напаѓачот засега не е објавен, а мотивот за нападот не е познат. Полицијата продолжува со истрагата за да ги утврди мотивот и сите околности на пукањето.

Полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека е информиран за настанот. „ Полицијата ги истражува заднината и сите околности на нападот“ напиша Туск на социјалната мрежа Икс.

На местото на пукањето се упати и полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кјервински, додека министерот за правда Валдемар Журек изјави дека на терен се обвинители и припадници на службите за итни интервенции кои собираат докази, порачувајќи дека одговорните ќе сносат последици.

Градот Краков, исто така, објави соопштение на социјалната мрежа Икс, во кое потврди дека се случило пукање на Главниот плоштад и дека службите за итни интервенции се на терен. „Полицијата спроведува акција, а интервенција има и на улицата Дитла. Ја очекуваме официјалната потврда за размерите на настанот и бројот на настраданите“, се наведува во објавата.

На местото на настанот брзо пристигнале сите служби за итни интервенции. Медицинските екипи им укажале помош на повредените, додека комуналната полиција го обезбедува поширокото подрачје на плоштадот. Во времето на нападот, недалеку од Главниот плоштад, на плоштадот Матејки, се одржувал протест на десничарски групи поради кризата во Уставниот суд, а полициската акција во центарот на Краков продолжила и по пукањето.

Сведоците на настанот раскажуваат за вистинска паника на улиците. – Тргнавме кон продавницата кога го слушнавме пукањето. Луѓето почнаа да бегаат, а странските туристи не разбираа што се случува. Слушнавме дваесетина истрели – изјави еден од сведоците за полскиот весник „Факт“.

Ме повика сопругата, работи во близина на Главниот плоштад. Ми рече дека некој пука и дека луѓето во паника бегаат во локалите. Подоцна слушнала дека полицаец застрелал некого – изјави еден читател за „Газета Краковска“.

Друг сведок, Александар, за „Факт“ раскажа дека со придружниците влегле во продавница и почекале додека продавачката ја заклучила вратата. – Отидовме во продавница и ги слушнавме истрелите. Нагло се свртевме, луѓето почнаа да трчаат, а странските туристи не знаеја што се случува. Слушнавме дваесетина истрели, втрчавме во продавница, а продавачката ја заклучи вратата, па почекавме малку. Никогаш не сум видел таква паника. Луѓето се криеја по продавниците – рече тој.

Според сведочењата објавени во полските медиуми, еден очевидец за телевизијата „ТВ Република“ изјавил дека мажот пукал кон луѓето во близина на продавницата „Зара“ и на плоштадот, додека друг сведок рекол дека видел црно „Субару“ како излетува од улицата Шевска, но не бил сигурен за точната локација. „Видов еден човек, почна да пука од автоматско оружје. Ми се чини дека не пукаше случајно, туку нишанеше. Имаше нешто како полициска маска и очила. Потоа пукаше кај црквата и побегна кон улицата Гродска. Сите бегаа – раскажа друг очевидец.

Ad
Ad