Култура
Бјелогрлиќ: Ако електричарот, водоинсталатерот или продавачката не ве разберат што сакате да кажете со филмот, имате проблем
Ако електричарот, водоинсталатерот или продавачката не ве разберат што сакате да кажете со филмот, имате проблем – порача денеска српскиот актер, продуцент и режисер Драган Бјелогрлиќ на мастер-класот што го одржа во рамките на годинашниот Скопски филмски фестивал (СФФ 26).
Како што истакна Бјелогрлиќ, секој што прави филм треба да си постави три клучни прашања: за што е филмот, кому му е наменет и на кој начин се прави.
– Кога правите филм, мора да си го поставите прашањето за што, всушност, правите филм, независно од темата што сте ја избрале и зошто сте ја избрале токму таа тема? Второто прашање би било, за кого го правите филмот? Како автор можете да кажете – за себе, бидејќи имам таква потреба, но продуцентот мора да ве праша, кој ќе го гледа филмот? Јас кога правам филм, го правам за своите соседи, електричари, водоинсталатери. За тие луѓе. И често им велам на студентите, во ред е што го претставувате својот филм на „Еуримаж“ или на некој фестивал, но раскажете му ја приказната на водоинсталатерот, дали го интересира таа приказна? Ако нему му ја раскажете и тој ништо не ве разбере, значи имате проблем. На електричарот, продавачката… За кого правиш филм? Би требало да правиш за твоите сограѓани, за луѓето со кои живееш, да имаш теми што нив ги интересираат. Многу е тешко во мали земји да се прави филм исконски, за луѓето околу себе. Природно е луѓето во малите земји да прават филм за фестивали, но тоа е веќе првиот „фаул“ – не можеш да правиш филм за да оди на фестивал. Што е тоа, некој посебен жанр? Фестивалски филм, како хорор. Тоа е грешка зашто фестивалите бараат автентичност, автентичност на уметникот што не смее да размислува – „јас сега правам филм за фестивал“. Не треба тоа да е фокусот. Тоа е многу незгодна позиција – да замислувате што ќе му се допадне на некој Холанѓанец, Швеѓанец, Германец… и да работите оптоварени дека филмот мора да успее на некој фестивал. Затоа мислам дека секој што прави филм, мора да се враќа на основните прашања: за што правам филм, за кого и на кој начин. И постојано во текот на процесот целата екипа меѓусебно треба да си поставува прашања – објасни Бјелогрлиќ.
Според него, постои формула за комерцијален филм, но кога станува збор за сериозни филмови со кои авторот сака нешто да каже, да изрази некое свое чувство или размислување или, пак, да испрати некоја порака, тогаш патот е да се поставуваат прашања.
– Патот е да си поставуваш прашања, да не размислуваш колку гледачи ќе има тој филм, дали ќе оди на некои фестивали. Треба да знаеш за што е филмот и за кого го правиш. Тоа се за мене двете основни прашања, а третото е: на кој начин го правиш филмот, дали е тоа дел од твојата уметничка димензија или начин на кој му пристапуваш на филмот… Така беше со првиот филм што го режирав – „Монтевидео“. Зборувавме дека правиме филм за остварување еден сон. Ми велеа: „Правиш филм за фудбал, значи ќе го гледаат само мажи, не и жени“, но се покажа дека 70 отсто од публиката беа жени. Тоа е мелодрама, романтична приказна, бајка за некои минати времиња, за остварување еден сон – напомена Бјелогрлиќ.
Тој го сподели и искуството со филмот „Тома“.
– Не сум некој што слуша народна музика, но кога дојдоа кај мене со идејата за „Тома“, сфатив дека преку приказната за еден пејач можам да направам приказна за едно време што веќе не постои, за некои луѓе што веќе не постојат и за една земја што веќе не постои. Сфатив дека Тома Здравковиќ починал 1991 година, токму кога почнуваше војната во Југославија, како и дека со неговата смрт умре и една држава, едно време, еден систем – Југославија и социјализмот, во кој имаше многу мани, но и во кој постоеше некоја безгрижност, некоја убавина и едноставност на животот. Јас преку Тома и неговите песни се обидов тоа да го раскажам, тоа беше мојата главна идеја – рече актерот и режисер.
Се наврати и на својата прва улога – Сирогојно во филмот „Бошко Буха“. Уште тогаш добил охрабрување од режисерот Бранко Бауер дека би можел да се занимава и со режија, не само со глума. Денес, рече, режијата му е многу поголема желба и страст од актерството.
– Иако тогаш бев многу мал, Бауер ми рече дека може да се занимавам и со режија зашто едното око секогаш ми е зад камерата. Ми остана таа реченица во сеќавање. Кога влегов во светот на глумата, со запишувањето на Факултетот за драмски уметности, уште од првите денови доаѓав со некои приказни, зборував како можеме да направиме филм за ова, како никој не прави вакви филмови, ова, она, зошто не направиме некој генерациски филм (така настана филмот „Црн бомбардер“), зошто не правиме филм за бунт… тука се покажа некоја моја друга димензија. Така почнав да се занимавам со продукција, немав храброст, ниту помислував да режирам. Бев во САД во 1993 година, сакав да видам дали можам таму да се реализирам. Поминав два месеци во Лос Анџелес и сфатив дека ако сакам да се занимавам со глума, филм, уметност на мој јазик, мора да работам таму каде што сум роден и од таму да раскажувам приказни, но да се обидам да раскажувам приказни што ќе бидат интересни за целиот свет – истакна Бјелогрлиќ.
Така, додаде, се родила идејата и настанал филмот „Лепа села, лепо горе“.
– Тогаш реков, додека го направиме сценариото, додека собереме пари, веројатно војната ќе заврши. Така некако и се случи. Тоа беше голем ризик, нешто што можеш да го направиш во тие години, во моите 30-ти, колку што имав тогаш. Сега, со овие години и искуство никогаш не би направил такво нешто, никогаш не би отишол во воено подрачје да снимам филм за војна што е во тек, без никаква дистанција, со можни последици. Се утврди, сепак, дека тие ризици мора да успеат, ако се направи сè добро. Така беше со „Лепа села, лепо горе“, но ништо немаше да успее ако филмот не беше добар и квалитетен. Така некако изгледаше мојот премин од глумец во продуцент, моето работење зад камерата, за потоа, со време и многу години и искуство, на крајот да почнам да режирам, што беше и некоја прва идеја, некој прв импулс, само што патот до режијата одеше преку продукцијата. Мојот прв филм „Монтевидео“ го режирав во доцните 40-ти години со речиси 30 години и повеќе искуство во работата на филм, истакна Бјелогрлиќ.
Со режија се занимава повеќе од 15 години.
– Тоа кај мене има поголемо значење и буди повеќе страст од актерството. Глумата секогаш ќе биде моја основна работа и јас ќе бидам, пред сè, глумец, но ако ме прашате дали сега би глумел или би режирал, веднаш би ви рекол дека повеќе би сакал да режирам. Режијата, пишувањето и правењето приказни и проекти е нешто што во последните 15 години ми е главна страст – истакна Бјелогрлиќ.
Според него, за сè треба да се заврши школо.
– Јас своето школо за режија го поминав во пракса, преку правење филмови. Како глумец имам остварено над 100 улоги на филм и телевизија. Тоа беше моето школо наместо факултет во однос на режијата – потенцира Бјелогрлиќ.
ноември 7, 2026


