Connect with us

Свет

Во Литванија почнаа вежби на НАТО со повеќе од 6.000 војници

Во Литванија денеска почнаа вежби на Бундесверот во кои учествуваат повеќе од шест илјади војници, а ќе траат до 3 декември, пренесува ЛРТ.

„Во вежбите ’Штит на слободата 26-II‘ и ’Голем орел 26‘ учествуваат единици на литванската 45-та оклопна бригада ’Литва‘ и 37-та моторизирана пешадиска бригада ’Саксонија‘ од германската 10-та оклопна дивизија“, се наведува во соопштението.

Заедно со литванските и германските трупи, борбена обука ќе поминат и војници од мултинационалната борбена бригада на НАТО од Германија, Холандија, Норвешка, Чешка, Хрватска, Белгија и Луксембург, како и литванска воена единица.

Главната цел на маневрите е зголемување на борбената подготвеност на трупите, вежбање на команда, контрола и планирање на операции, како и зајакнување на соработката со сојузниците.

Литванската армија појасни дека вежбата „Штит на слободата 26-II“ ќе се одржи на воениот полигон Руднинкај, додека вежбата „Голем орел 26“ ќе се одржи на полигонот на генералот Силвестрас Жукаускас во близина на градот Пабраде.

Воените возила ќе бидат во активна употреба во текот на целата вежба. Најголем сообраќај на конвои се очекува од граничниот премин Калварија на 6 и 7 ноември, а од Клајпеда на 10 и 12 ноември. Локалните жители се предупредени за можни нарушувања во сообраќајот и од нив е побарано строго да ги почитуваат упатствата на воената полиција.

Русија во последните години во повеќе наврати изрази загриженост поради активностите на НАТО долж нејзините западни граници. Кремљ истакнува дека Москва не претставува закана за никого, но оти нема да ги игнорира акциите кои се потенцијално опасни за нејзините интереси.

Ad
Ad