Регион
Грција ги издаде потребните дозволи за истражување и поставување на подморскиот кабел за електрично поврзување со Кипар
По добиеното позитивно мислење од надлежната Меѓуресорска комисија за издавање дозволи за истражувања на море, министерот за надворешни работи денеска, 6 ноември 2026 година, ја издаде соодветната одлука со која се одобруваат истражувачките активности и поставувањето на подморскиот кабел, соопштија од грчкото МНР во однос на истражувањата за електричното поврзување на Грција со Кипар, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за надворешни работи на Грција објаснија дека се завршени предвидените постапки за издавање дозволи од страна на надлежните грчки институции „за извршување на истражувачки работи и поставување на подморскиот кабел во рамките на проектот за електрично поврзување меѓу Грција и Кипар („Грејт си интерконектор“ Great Sea Interconnector-GSI)“.
Додадоа дека ова следува по соодветното барање поднесено од француската компанија „Нексанс“, во име на компанијата GSI, која е носител на проектот.
Францускиот брод „Abeille Mareng“, што ќе ги врши истражувања на морското дно за потребите на електричното поврзување веќе се наоѓа на пристаништето во градот Ираклио на островот Крит, во исчекување да се издаде соодветно известување Навтекс (меѓународен систем за поморско известување, преку кој бродовите добиваат важни информации за безбедноста на пловидбата, како и за истражувачки активности на море), за потоа да почне со истражувањата.
Според грчките медиуми, соодветното известување (Навтекс) беше издадено попладнево од поморската станица во Ираклио и е со важност од 6 ноември 2026 година до 6 март 2027 година.
Пред три месеци, француската инвестициска групација „Меридиам“ (Meridiam) специјализирана за инфраструктурни проекти од стратешко значење, како мнозински акционер стана дел од компанијата „Грејт си интерконектор“ (Great Sea Interconnector), односно проектот за електрично поврзување меѓу Грција и Кипар, а тогаш беше потпишан и стратешки договор за соработка со француската компанија за производство на кабли и решенија за електроенергетски мрежи „Нексанс“ (Nexans) за забрзување на работите, со приоритетно завршување на истражувањата на морското дно.
ноември 7, 2026

