Connect with us

Општини

Свечена академија по повод 82 години од ослободувањето на Охрид: Слободата се чува со мудрост, одговорност и единство, порача Пецаков

Со свечена академија, одржана синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“, Охрид ја одбележа 82-годишнината од ослободувањето на градот.

На централниот настан, во рамки на пошироката програма по повод празникот на ослободувањето на градот, пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, кој потсети на историското значење на 7 Ноември 1944 година и им оддаде почит на борците и на сите учесници во Народноослободителната борба кои ги положиле своите животи за слободата на Охрид.

„Зад оваа голема историска победа стојат човечки судбини кои не смееме да ги заборавиме. Стојат имињата на борците кои го положија највредното што го имаа, сопствениот живот. Нивната борба не била борба за лична слава, туку борба за татковината и достоинството“, истакна Пецаков.

Тој порача дека слободата не е само историско наследство, туку и одговорност на сегашните генерации, кои имаат обврска да ја чуваат и да создаваат подобри услови за живот.

„Слободата се чува со мудрост, одговорност и единство. Затоа, 7 Ноември не треба да биде само ден на сеќавање, туку и ден за преиспитување на нашата одговорност кон градот, кон државата и кон идните генерации“, нагласи градоначалникот.

Тој укажа и на потребата љубовта кон Охрид да се покажува преку конкретни дела, грижа за културното и природното наследство и одговорно управување со ресурсите.

„Нашата љубов кон Охрид не смее да се мери само со зборови и емоции. Таа мора да се потврдува со дела. Со грижата за неговото културно и природно богатство, со создавање подобри услови за живот и со одговорно управување со сите ресурси што ни се доверени“, рече Пецаков.

Говорејќи за иднината на градот, тој ја истакна визијата Охрид да се развива како град на можности и просперитет, во кој младите ќе ја гледаат својата иднина, изразувајќи уверување дека со заедништво, работа и искрена посветеност можат да се остават вредни дела.

„Нашата визија е Охрид да биде град на можности, напредок и просперитет, град во кој младите ќе ја гледаат својата иднина, а секоја генерација ќе има причина да остане, да создава и да придонесува за неговиот развој“, порача Пецаков.

Во рамки на свечената академија беше изведен музичко-сценскиот перформанс „Охрид е песна“, во кој учествуваа актери, музички уметници, солисти и ученици од градот.

Чествувањата по повод Денот на ослободувањето продолжуваат утре со повеќе настани.

Од 10 до 11 часот е предвиден регионален параглајдинг-перформанс во рамки на „Ohrid Fly Festival“, а во 10:30 часот, во просториите на Шаховскиот клуб „Ласкер“ во ООУ „Братство Единство“, ќе се одржи шестото општинско првенство во шах по повод празникот.

Централното чествување ќе се одржи во 11 часот во Спомен-паркот на револуцијата, каде што ќе биде положено свежо цвеќе во чест на борците и ослободителите на Охрид. Предвидено е и обраќање на претставник на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца.

Во 17 часот, во НУ Библиотека „Григор Прличев“, ќе биде промовирана книгата „Охридски книжевни критичари“ од едицијата „Охридско книжевно наследство“, чии автори се Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.

Празничната програма ќе заврши во 19 часот со отворање на фотографската изложба „Охрид – светско наследство низ објективот“, во организација на Фото клубпт „Охрид“, во Куќата на Робевци. 

Ad
Ad