Регион
Започнаа изборите за националните совети на малцинствата во Србија, гласаат и припадниците на македонската заедница
Македонците во Србија денеска по првпат непосредно го избираат Националниот совет на македонското национално малцинство. Гласањето започна утрово во 7 часот и ќе трае до 20 часот, а право на глас имаат 9.368 избирачи запишани во посебниот избирачки список.
Се избираат 19 члена на Советот, а мандатите ќе бидат распределени пропорционално на освоените гласови. Избирачите гласаат за една од четири листи што ги прогласи Републичката изборна комисија: „Македонци заедно“, „Македонци во Србија“, „Демократска партија на Македонците – Зоран Пешевски“ и „За Македонците пред сѐ“. Листата на Демократската партија на Македонците има 19 кандидати.
Македонскиот национален совет постои од 2004 година, а досега неговите членови се избираа посредно, преку електорско собрание.
Листата „Македонци заедно“ ја предводи актуелната претседателка на Советот, Зорица Митровиќ. Според нејзината изјава за МИА, листата е поддржана од 29 граѓански здруженија и организации. Како приоритети таа ги наведува наставата на македонски јазик, обезбедувањето учебници за повисоките одделенија и поголемото вклучување на младите. Македонскиот јазик со елементи на националната култура се изучува како изборен предмет во 11 основни училишта, со речиси 400 ученици, а учебници постојат само за првото до третото одделение.
Истовремено, во Србија се отворени 949 избирачки места за избор на националните совети на 23 национални малцинства, а право на глас имаат вкупно 481.789 избирачи. Непосредно се избираат советите на 21 малцинство, а членовите на советите на горанското и руското малцинство ќе бидат избрани преку електорски собранија во зградата на Народното собрание во Белград. Најбројни избирачи имаат Бошњаците (114.777), Унгарците (108.974) и Ромите (60.979).
Националните совети ги претставуваат малцинските заедници во областите на културата, образованието, информирањето и службената употреба на јазикот и писмото.
РИК ќе ги објави резултатите најдоцна 96 часа по затворањето на избирачките места.
ноември 8, 2026


