Свет
Захарова порача дека Европејците немаат што да бараат на преговорите за Украина
За европските земји нема место на преговарачката маса кога станува збор за решавање на конфликтот во Украина – изјави портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, коментирајќи ги првите воени вежби на таканаречените „мултинационални сили за Украина“, организирани во рамките на „коалицијата на подготвените“.
– Тоа уште еднаш потврдува дека Европејците немаат што да бараат на преговарачката маса – порача Захарова во соопштение објавено на веб-страницата на руското министерство за надворешни работи.
Изјавата на Захарова доаѓа во пресрет на новата рунда трилатерални преговори меѓу претставници на Русија, Соединетите Американски Држави и Украина, закажана за 10 и 11 ноември во Абу Даби, каде што главна тема зад затворени врати ќе бидат безбедносните гаранции за страните во конфликтот.
Захарова нагласи дека распоредувањето странски воени контингенти на територијата на Украина е категорично неприфатливо за Москва и предупреди дека руските сили сите такви единици би ги сметале за легитимни воени цели.
– Треба да се биде свесен дека одговорноста за оваа ескалација во целост ќе ја сносат оние што осмислуваат нови воени авантури против Русија, безуспешно обидувајќи се на нашата земја да ѝ нанесат „стратешки пораз“ – истакна Захарова, додавајќи дека таквите планови нема да бидат остварени, а сите цели што руското раководство ги поставило во рамките на она што Москва го нарекува специјална воена операција ќе бидат исполнети.
ноември 8, 2026


