Свет
Пет европски земји бараат враќање на Британија на пазарот за електрична енергија на ЕУ
Германија, Белгија, Холандија, Луксембург и Данска повикаа на продлабочување на соработката меѓу Европската Унија и Велика Британија во областа на чистата енергија, во пресрет на претстојниот самит меѓу ЕУ и Лондон, што ќе се одржи на 20 ноември во Брисел.
Петтемина европски лидери упатија писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во кое истакнаа дека повторното вклучување на Велика Британија во внатрешниот пазар на ЕУ за електрична енергија би донело придобивки за двете страни, објави „Гардијан“.
– Ве повикуваме вас и Велика Британија за време на самитот да постигнете договор за патот кон завршување на овие преговори – се наведува во писмото што го потпишаа германскиот канцелар Фридрих Мерц, холандскиот премиер Роб Јетен, белгискиот премиер Барт де Вевер, премиерот на Луксембург Лук Фриден и данската премиерка Мете Фредериксен.
Петтемина лидери ја опишаа Велика Британија како близок партнер во енергетската транзиција и оценија дека нејзиното вклучување во внатрешниот пазар на ЕУ за електрична енергија е неопходно за целосно искористување на потенцијалот на Северното Море и негово претворање во најголем центар за чиста енергија во светот.
ноември 8, 2026


