Connect with us

Регион

Во планинско село на Халкидики осветлена првата новогодишната елка во Грција

Празничната, божиќна атмосфера пристигна во малото планинско село Таксиархис на Халкидики, познато и како селото на елките, каде што синоќа, традиционално, како и секоја година во пресрет на празникот Свети Архангел Михаил, беше осветлена новогодишната елка, што воедно е и првата што се осветлува во Грција, јави дописничка на МИА од Грција.

На централниот плоштад во селото, жителите и посетителите уживаа во манифестацијата на осветлување на 15-метарската новогодишна елка, украсена со илјадници светилки.

Селото, како што информираа од општина Полигирос, секоја година симболично станува местото од каде што започнува божиќното патување низ целата земја.

Таксиархис е селото на елките, од каде што оваа година се проценува дека околу 32.000 елки „ќе отпатуваат“ во сите краишта на Грција, носејќи ја божиќната магија во домовите на илјадници семејства, а истовремено давајќи поддршка на локалното производство и на луѓето од селото, нешто на што се осврна и заменик-градоначалникот на општината надлежен за култура и туризам Јанис Лелејанис

Посочи дека елките од Таксиархис, ќе ги осветлат плоштадите, домовите, некоја детска соба некаде во Грција и тоа е подарокот што го нуди селото „малку светлина, малку радост, малку надеж – токму во време кога на сите ни се толку потребни“.

– Архангелите се Божји гласници, оние кои ја носат пораката. Можеби токму затоа не е случајно што првата божиќна светлина во Грција се пали токму тука, на празникот Собор на Архангелите. Вечерва Таксиархис и самиот станува гласник и на целата земја ѝ ја испраќа пораката дека доаѓа Божиќ, посочи заменик-градоначалникот.

Доста често новогодишната елка што се поставува во центарот на Солун е токму од селото Таксиархис на Халкидики.

Осветлувањето на новогодишните елки во Атина, Солун и останатите грчки градови традиционално е кон крајот на ноември. 

Ad
Ad