Connect with us

Култура

Заврши 26. Скопје филм фестивал – награда за најдобар филм „Нeма рај ако те убие жена“

Под динамично ново раководство, Фестивалски совет и тим од домашни и меѓународни професионалци, возобновениот Скопје Филм Фестивал ги додели своите награди. Спојувајќи ја својата воспоставена регионална традиција со свежа креативна енергија, СФФ ја потврди својата позиција како клучна културна платформа за независен филм и меѓународна размена. Фестивалот има стратешка улога во обликувањето на регионалната филмска индустрија и во унапредувањето на културната агенда за „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“. Преку негување на филмската писменост, поддршка на авторскиот филм и отворање динамичен простор за меѓународен дијалог, СФФ директно го збогатува уметничкиот пејзаж на главниот град.

Под раководство на директорот на фестивалот Томи Салковски и кураторот Николај Никитин, 26-тото издание претставува извонреден организациски подвиг, подготвен и реализиран за само неколку месеци. Брзото формирање на меѓународна натпреварувачка програма, доаѓањето на странски делегации и одржувањето на мастерклас-сесии ја потврдуваат посветеноста која ја движи новата ера на фестивалот. За долгорочно стратешко насочување и зајакнување на глобалните партнерства, фестивалот воведе нов Меѓународен фестивалски совет составен од истакнати европски и светски филмски професионалци: Томи Салковски, Николај Никитин, Благоја Куновски, Мирослав Могоровиќ и Филип Бергсон.

Натпреварувачката програма ја оценуваше стручно меѓународно жири составено од водечки имиња од филмската индустрија: Стив Абот (продуцент, ОК), Даниела Вебер (селекторка и фестивалска консултантка, Германија), Павле Вучковиќ (режисер и сценарист, Србија), Лабина Митевска (актерка и продуцентка, Северна Македонија) и Даријан Пејовски (режисер и сценарист, Северна Македонија).

Оваа година беше востановена наградата „Златна Скополија“ за извонреден придонес кон светската кинематографија, престижно ново признание наменето за истакнати автори чии смели уметнички визии оставиле траен белег во филмската уметност. Именувана по реткото ботаничко наследство, автохтоно за овој регион, „Златна Скополија“ ја симболизира креативноста, реткоста и уметничката истрајност. Првата награда им беше врачена на отворањето на фестивалот на реномираното полско филмско дуо, режисерката Малгоржата Шумовска и директорот на фотографија и режисер Михал Енглерт, како признание за нивниот длабок и бескомпромисен уметнички придонес во современиот светски филм.

По свеченото отворање, втората фестивалска вечер беше одбележана со премиерата на филмот „17“ во режија на Косара Митиќ, еден од најнаградуваните и најзабележаните современи македонски филмски проекти.

Во текот на фестивалската недела, публиката уживаше во богата и внимателно курирана програма со меѓународни фестивалски хитови, европски кратки филмови (EFA Shorts) и моќни регионални авторски остварувања, меѓу кои и клучните натпреварувачки наслови: „Нема рај ако те убие жена“ на Халкавт Мустафа, „Чувство на дом“ на Габор Холтаи, „Тивки ноќи“ на Лоренс Фахардо и многу други. Програмата беше надополнета со три значајни мастерклас-сесии во МКЦ Клуб, каде што истакнати филмски дејци, меѓу кои српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ и меѓународниот филмски експерт Ники Никитин, кој сподели искуства за дистрибуцијата на дебитантски филмови и стратегиите на фестивалскиот пазар.

26. Скопје Филм Фестивал (СФФ) официјално заврши вчера, на 9 ноември, во Кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ). На свеченото затворање, Меѓународното жири јавно ги соопшти победниците, споделувајќи официјални образложенија:

„Нашата награда за НАЈДОБАР ФИЛМ оди кај чисто кинематографско дело кое носи моќна, автентична перспектива за курдските жени-борци кои го победуваат екстремизмот преку фундаменталниот страв дека ‘НЕМА РАЈ АКО ТЕ УБИЕ ЖЕНА’, филм на ХАЛКАВТ МУСТАФА. Наградата за НАЈДОБРА РЕЖИЈА се доделува на автор кој на големото платно мајсторски пренесува алегорија за систематската државна репресија, која иронично носи ’ЧУВСТВО НА ДОМ’. Честитки за ГАБОР ХОЛТАИ. Не можеме да ја заокружиме селекцијата ДИЈАЛОЗИ без СПЕЦИЈАЛНО ПРИЗНАНИЕ за филмот ‘ТИВКИ НОЌИ’ на ЛОРЕНС ФАХАРДО. Сакаме да му оддадеме признание за неговиот живописен приказ на бруталните одреди на смртта за време на режимот на Дутерте на Филипините“.

Фестивалскиот совет додели и СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА за филмот „ОТФРЛЕН“ на ВИНСЕНТ ГАРЕНО, кој со исклучителна сензитивност прикажува вистинска приказна за неодамнешниот трагичен напад врз професор во француско средно училиште. Незаборавно филмско остварување кое во Скопје пристигна директно од Канскиот филмски фестивал 2026.

Следното, 27. издание на Скопје Филм Фестивал е закажано за периодот од 12 до 17 октомври 2027 година.

Ad
Ad