Connect with us

Култура

Јубилејното 20. издание на Саемот на книгата свечено отворено во Кочани

Во Библиотека „Искра“ во Кочани денеска свечено започна јубилејното 20. издание на Саемот на книгата, кој годинава се одржува под мотото „Читај, збогати го знаењето, осветли ја својата иднина“.

Манифестацијата е дел од активностите со кои Јавната општинска установа Библиотека „Искра“ го одбележува Месецот на книгата – Ноември.

На единаесет изложбено-продажни штандови во просториите на библиотеката се претставуваат реномирани издавачки куќи од Македонија нудејќи богат избор на книжевни дела, најнови изданија и литература од различни жанрови за читателите од сите возрасти.

– Саемот претставува препознатлива манифестација за нашата библиотека, која негува традиција од две децении. Познат е и на него учествуваат голем број издавачки куќи од Македонија со книги во нивно издание. По повод јубилејот, очекуваме интерес кај сограѓаните, како од читателите од Кочани, така и од соседните општини – изјави Кристина Ѓоргиевска Атанасова, директорка на ЈОУ Библиотека „Искра“.

Читањето избрани цитати од ученици од деветто одделение при ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани, посветени на книгата и нејзината вредност, беше посебен дел од самиот чин на свеченото отворање на децениски традиционалната манифестација.

– Годинава со нас се реномирани издавачки куќи од Македонија. Ќе се дружиме со издавачката куќа „Чудна шума“ за првпат на Саемот, потоа издавачките куќи „Бата прес“, „Антолог“, Прозарт медиа“, „Култура“, „Наша култура“, понатаму во другата просторија „Топер“, „Мартина“, „Полица“, „Матица македонска“ и издавачката куќа „Три“ – рече на отворањето Мара Атанасова, виш библиотекар во „Искра“.

Саемот ќе биде отворен до сабота, 14 ноември, секој ден од 10 до 18 часот, во просториите на ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани.

Ad
Ad