Connect with us

Регион

Грција со 120 милиони евра учествува во иницијативата на Европската инвестициска банка за поддршка на нови технолошки компании

Во големиот европски обид за финансирање на технологии на иднината и создавање компании со глобален опсег, Грција активно учествува со инвестиција од 120 милиони евра во заедничкиот инвестициски фонд на „Европската иницијатива за технолошки шампиони“ (European Tech Champions Initiative), на Европската инвестициска банка, информираа од грчкото Министерство на национална економија и финансии, јави дописничката на МИА од Атина.

Според надлежното Министерство, целта на иницијативата е да се насочат над 10 милијарди евра во нови капитални инвестиции во европски компании кои се наоѓаат во фаза на забрзан раст, но и да се мобилизираат вкупни инвестиции до 80 милијарди евра, со просечна вредност на инвестициите од 200 милиони евра, со цел европските технолошки компании да се развиваат на глобално ниво.

– Грција е меѓу шесте земји што учествуваат во првата фаза на заедничкиот инвестициски фонд, заедно со Бугарија, Германија, Луксембург, Холандија и Шпанија. Овие земји, заедно со Европската инвестициска банка, преземаа обврски за вложување капитал во висина од околу два милијарди евра во фондот на фондови „Tech Champions“ (Tech Champions fund-of-funds), кој инвестира во други инвестициски фондови, отворајќи го патот за првите одобренија за инвестиции во текот на следните неколку недели, соопштија од Министерството.

Учеството на Грција ќе се финансира од редовниот државен буџет и е дел од владината стратегија за поттикнување на иновациите, привлекување инвестиции и создавање нови можности за грчките компании.

Министерот за национална економија и финансии на Грција Кирјакос Пиеракакис, кој воедно е и претседател на Еврогрупата посочи дека учеството на земјата со 120 милиони евра во иницијативата „претставува стратешка инвестиција во иднината на грчката и европската економија“, но и го олеснува пристапот на иновативните компании до инвестициски капитал.

– Следната голема битка за европската конкурентност ќе се води во областа на технологијата. Европа располага со извонредни научници, силна истражувачка база и иновативни компании. Најголемиот предизвик е овој потенцијал да го претвориме во компании со глобален опсег, кои ќе се стремат кон водечка позиција на меѓународните пазари, посочи Пиеракакис и додаде дека Грција учествува со конкретни финансиски средства и високи амбиции.

Ad
Ad